На Македонија очајно ѝ е потребен домашен „Давос“

by Fokus

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Изневерени очекувања. Вака со два збора може да се опишат реакциите по објавувањето на предлог-буџетот за наредната година. Лекари објавуваат дека со индигнација го одбиваат покачувањето од 5 отсто на платите, синдикатите разочарани што изостанаа поголеми плати што би довеле до поголема независност на судството, граѓаните кои возат автомобили на дизел, бесни што раката на државата посегна по нивниот џеб.

Ова е прв автономен буџет на новата влада и со право ќе биде предмет на детална опсервација и критика. Буџетот е најважната алатка во нашата економија (приватниот сектор е мошне послаб) и буџетската политика го одредува правецот на економскиот развој. Оттука, со овој буџет, новата власт почнува да го гради сопствениот кредибилитет како најважен креатор на економските услови во земјата.

Но, по овие првични реакции по повод новиот предлог-буџет, се надевам нема да изостане суштинската дебата: Кои се економските цели на предлог-буџетот?; Каков кредибилитет за сопствените политики гради владата?; Дали постои визија на среден и долг рок или во преден план е да се „протурка“ годината?

Прво за кредибилитетот. Македонија има институции во кои е изгубена довербата. Долгите години водење буџетска политика со која се промовираше клиентелизмот и се финансираа каприциозни замисли и желби на човек, кој ја приватизираше државата за лични цели, покрај демократското уназадување, го ослабнаа значително капацитетот на земјата за економски развој.

Но, погрешно е да се каже дека таквата буџетска политика на двоецот во кумска врска ГруевскиСтаврески беше без концепт. Визијата и концептот на Груевски, интелигентниот Ставрески одлично ги финансираше и во спроведувањето на таквата политика апсолутно влеваше доверба. Дека сите мерки, политики и јавни пари ќе завршат за приватно богатење и зајакнување на моќта на „фамилијата“.

Оттука, ако промената на власта значи нов концепт под мотото „тоа никогаш да не се повтори“, првиот чекор е креирање доверба во чесните политики во корист на економскиот развој и инклузивниот раст (економски раст чиј бенефит ќе биде распределен што пошироко кај сите категории граѓани).

Позитивен чекор во таа насока е отворањето на буџетскиот процес.

НЕ НИ ТРЕБА НОВ МОЌЕН ЛИДЕР, ТУКУ СИЛНИ ИНСТИТУЦИИ

За првпат владата го даде предлог-буџетот на јавна расправа, нешто што наиде на критика кај поранешните министри за финансии Трајко Славески, според кого тоа е „покритие за недоволна подготвеност на владата“ и на Џевдет Хајредини, кој на одреден начин го тривијализираше поимот јавна расправа.

Сепак, новинарите што ги следат јавните финансии знаат дека Индексот на транспарентност на буџетот не е неважен показател во развиениот свет. Македонија многу години паѓаше на оваа светска листа и во 2015 година влезе во најдолната група земји со минимум буџетска транспарентност. Најниската оценка беше дадена токму за учеството на јавноста во процесот.

Сегашната јавна расправа е само уште еден чекор напред во новата практика на Министерството за финансии, која почна со презентирање на т.н. Граѓански буџет и која, верувам, ќе ја искачи повторно Македонија во групата земји со транспарентност во јавните финансии. Потег за кој министерот заслужува пофалба. Како и за учеството во дебата со неговите претходници. Меѓутоа, тоа е само „шминка“, која ќе го поправи имиџот.

За влевање суштинска доверба потребно е многу повеќе.

Некојпат, носителите на функции едноставно го црпат авторитетот на институцијата и така го градат сопствениот. Некојпат, тие со својот интегритет го градат кредибилитетот на институцијата и таа црпи од нивниот авторитет.

На пример, кредибилитетот на поранешниот гувернер на Федералните резерви во САД (ФЕД е систем на централни банки на одделните држави во САД) со најдолг стаж, Алан Гринспен (кој раководеше од 1987 до 2006 г.) го градеше во голема мера авторитетот на ФЕД. Предмет на анализа беше секое негово накашлување, потег, до тоа каде јадел и како наздравил.

Во однос на неговата свест за тоа колку голем потрес може да предизвикаат неговите зборови, еден од неговите најпознати цитати е: Мислам дека треба да ве предупредам дека ако сум особено јасен во она што го кажувам, веројатно погрешно сте го сфатиле она што сум го кажал. Оттука, тој ги понесе и најголемите критики за глобалната финансиска криза во 2008 година иако веќе не беше на чело на ФЕД.

Изборот на новиот гувернер кој ќе управува со ФЕД, Џером Пауел, назначен минатата недела, весниците го „одобрија“ како континуитет на политиките бидејќи тој е човек „кој никогаш не гласал против мнозинството“. Или во превод, човек кој ќе ја следи политиката на мнозинството и воспоставената траса на институцијата.

Овој пример е вовед во една суштинска дилема, која е битна за нашето општество. Промените и најдобрите работи што му се случиле на развојот на човештвото се резултат на поединци. Лично имам отпор кон колективитети, почитувам луѓе со интегритет, секогаш гледам низ критичка призма. Но, другата страна на медалот е дека и најголемите злосторства ги направиле или наредиле поединци.

Ние досега имавме премиер, чиј збор „тежеше“ во негативна смисла, беше алфа и омега во земјата и послушноста и сервилноста кон него обезбедуваше место под сонцето. Ако како општество сме се согласиле дека тоа не води кон напредок (иако останува дилемата дека тоа што Груевски беше збришан на локалните избори е повеќе одраз на вртење на „стадото“ кон новиот сопственик на парите), сега тоа треба „никогаш да не се повтори“.

Во тој случај, нам не ни треба нов лидер, туку враќање на довербата во институциите и нова политика, особено економска, околу која ќе постои консензус дека ќе донесе благосостојба. Да не се доведуваме во ситуација наместо Груевски, Заев да кажува како ќе се делат парите, туку тоа да го диктираат економските цели за кои ќе се обезбеди широка поддршка.

ДА СЕ ПОЛНИ БУЏЕТОТ ИЛИ ДА СЕ ОСТАВИ ИДЕОЛОШКИ ПЕЧАТ?

Ќе направам куса опсервација за да претставам колку хаотично и без визија влегува новата власт во целиот овој важен процес на општествена трансформација.

Во дебата на министерот Тевдовски со поранешните министри за финансии, тој соопшти дека прогресивната даночна стапка кај персоналниот данок ќе се воведе од наредната година за да се обезбеди период на подготовка и да се зацрта предвидлив економски амбиент. Тоа е за поздрав и најдобро е работите да не се менуваат преку ноќ. Многумина на менувањето на даночниот систем гледаат како на „колење вол за една шницла“, односно ефектот од прогресивната стапка ќе биде толку мал што промената е непотребна.

Затоа што, при една поширока дебата би се дошло до сознание дека во насока на предвидливост и стабилен амбиент, можеби не е добро да се прават промени кај усвоениот рамен данок, туку да се зголеми данокот на имот, со што, исто така, повеќе ќе се оптоварат богатите. Бидејќи, не е докрај јасно која е главната цел на даночната промена. Дали е полнење на буџетот или оставање „идеолошки“ печат врз него? Ако потегот и е важен на владата која сака да остави печат во идеолошко-политичка смисла на градење поправедно општество (иако има и други гореспоменати варијанти ), тој е сосема во ред.

Но, ми пречи кога истиот министер, кој вели дека треба да има предвидливост, преку ноќ предлага буџет со зголемена акциза кај дизелот каде што удира по џебот на широка категорија граѓани. Каква порака се праќа со тоа? Дека на најбогатите треба да се внимава, полека да им се внесе промената, а на широкото граѓанство, кое вози на дизел, да се удри без предупредување?

Инаку, јас сум во групата поддржувачи на зголемувањето на акцизата кај дизелот, од еколошки причини. Воедно ги уважувам аргументите што ги изнесе Бранимир Јовановиќ, освен оној дека сиромашните немале автомобили, за кој мислам дека е паушален. Живеам во Австрија каде што веќе е најавено дека возилата на дизел за некоја година ќе бидат забранети и никој тоа не го сфаќа трагично. Но, реагирам на непринципиелноста на министерот и институцијата, која не доведува до градење кредибилитет.

Натаму, во истата дебата, екс министерот Славески го праша министерот каде се 15 отсто од ДДВ што на крајот на годината треба да им се враќаат на граѓаните? Оваа мерка беше една од најзначајните изборни ветувања. Тевдовски одговори дека прво ќе се прави пилот-проект за оваа мерка за да се видат ефектите врз буџетот.

Проблемот е што СДСМ не вети пилот-проект, туку враќање на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните. Легитимно е тоа да не може да го стори со првиот буџет, бидејќи мора да се обезбеди стабилно финансирање на буџетот. Но, да ветиш пари, а да спроведуваш пилот-проект за да видиш дали е исплатливо да им ги дадеш како што си ветил, е несериозно кон граѓаните.

Како што засега стојат работите, се чини дека имаме власт, која е затекната од реален проблем како да го наполни буџетот, како да ги сервисира долговите и како да ги задоволува и понатаму апетитите на корумпираните гласачи со популистички мерки (субвенции, бесплатен превоз и сл). Притоа, недостасува клучното, визија за тоа кои се економските цели со буџетската политика.

ПРОДОЛЖУВА ЛИ ГОЛИОТ ПОТКУП НА ГЛАСАЧИ?

Економските учесници сакаат предвидливост. Со Груевски беше предвидлив амбиентот, во смисла дека сите знаеја дека треба да покажат послушност и великодушност кон „фамилијата“, за да опстанат како фирми и можеби да дојдат до некој дел од буџетската распределба. Распределбата, пак, на буџетот не беше во насока на обезбедување посилна економија, туку посилна партија на власт со поткуп на разни категории поддржувачи и гласачи. Тоа доведе до неодржлива фискална политика, каде што значително ослабна потенцијалот за раст и развој, а потребите на корумпираните се зголемуваа.

На крајот, Груевски стана жртва на сопствениот систем што го изгради. Корумпираните се свртеа кон новиот „сопственик“ на државната каса. Најмалку што сакам е да го промовирам тој лош начин на водење буџетска и воопшто политика на авторитаризам и приватизација на сите државни добра. Но, најмалку што на Македонија ѝ треба, е да биде внесена во хаотична политика, без јасен концепт за долгорочните економски цели.

На пример, со новиот буџет остануваат субвенциите за земјоделците, наспроти доказите поддржани со статистички параметри дека тоа не доведува до зголемено и поконкурентно земјоделско производство. Значи, се работи за гол поткуп на гласачи, кој продолжува и со новата власт. Каде е ефектот врз економијата овде?

Натаму, каква порака им се испраќа на стопанствениците, кои многу години се во фаза на дезинвестирање бидејќи ако „пркнат“, постоеше реална опасност „фамилијата“ или да им го земе бизнисот или профитот. Сега наместо мерки што ќе отворат фаза на инвестиции, првата е зголемување на персоналниот данок, без паралелни стимулации за инвестициите? Каква е пораката овде?

Ако некој мисли дека владината програма е визијата за економските цели, дебело се лаже. Единствено суштинска јавна дебата што ќе доведе до консензус околу стратешките економски цели може да доведе до темелна економска програма, која ќе ги оправда средствата за постигнување на зацртаните цели. Така што, дебатата не би требало да е околу новиот буџет, туку околу стратешките економски цели. Каде сакаа власта и граѓаните да ја видат Македонија за пет години, каде за 10 години?

 КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИТЕ ЦЕЛИ

На Македонија очајно ѝ треба собир на највлијателните економски учесници и умови, по примерот на Светскиот економски форум што се одржува во Давос, Швајцарија (како земја на неутралноста). Ако лидерите на закарани држави и лути непријатели успеваат да најдат точки на заеднички интерес за подобрување на глобалната благосостојба, зошто не би можело да се дојде до консензус околу економската иднина на земја во која одвај има два милиони луѓе, кои заслужуваат животот навистина да дојде за сите?

Овој настан никако не би смеел да се организира за да се задоволи формата, туку да биде осмислен и најавуван неколку месеци однапред, со маркетиншка кампања за сензибилизација на јавноста за да се подигне дебатата на потребното стручно ниво и да се обезбедат навистина корисни и цврсти аргументи за кои чекори и се навистина потребни на македонската економија.

Учесници да бидат луѓе од стручната јавност, невладиниот сектор, странски експерти, корпоративниот и банкарскиот сектор, кои ќе понудат аргументи од кои би се гледало јасно дека не лобираат за сопствените интереси, туку нудат визија за подобрување на состојбите.

Таквиот „Давос“ би ги донел следните бенефити:

– Ќе се обезбеди амбиент на предвидливост на среден и подолг рок, кој ќе ги охрабри компаниите посериозно да влезат во нов инвестициски циклус за да креираат зголемен БДП, а не да бидат едноставно полначи на буџетската каса.

  • Ќе се избегне потенцијален раскол во Владата на министри со различни визии и идеологии. Одлично е кога во влада има министри како Анѓушев, кој го застапува капиталистичкиот модел и размислува корпоративно од една страна, и Тевдовски кој е макроекономист со левичарска идеологија, од друга. Тоа е богатство на идеи и аргументи. Но, јавноста и економските учесници мора да знаат каде се точките на консензус на овие гледишта, за да не се претвори тоа во ривалство како што беше она на Пешевски – Ставрески и премиерот да си доделува улога на арбитер, а економските учесници да стравуваат чија страна ќе „победи“.
  • Ќе стивне силата на критиката за секоја владина мерка, за која по социјалните мрежи се прават поделби на табори и се сее раздор надвор од аргументирана расправа околу целите кои со тоа треба да се постигнат.
  • Ќе се вклучи умот на земјата во реформирање на економијата наместо тоа да биде ексклузивно право на учесниците во владата каде „победникот зема се“. Така ќе се подели и одговорноста. Овде не мислам како Славески дека ваквиот „Давос“ би бил покритие за недостиг на визија или храброст за политиките кај одредена гарнитура, туку едноставно големо реформирање на земјата, кое бара вклучување на сите потенцијали.

Притоа, треба да се земат предвид негативните искуства од ваквите документи усвоени порано. Еднаш МАНУ направи помалку успешен обид да промовира таков документ со визија за енергетските потреби и инвестиции на среден и долг рок. Неуспехот се гледаше во тоа што документот одразуваше листа на нафрлени проекти и желби, што наликуваше на напор колку да се заработи хонорар, со нереални проекти како нуклеарна централа во Мариово.

Ако се земе енергетиката како пример, ние сме мала економија и не е тешко да се пресмета колкав енергетски капацитет имаме и колкав недостиг задоволуваме од увоз. Ќе се направи сериозна анализа каде и колку може да се зголемат домашните капацитети.

Поширок консензус околу овие цели ќе ја отстранува секојпат дамката на сомнеж дека владиниот вицепремиер Анѓушев ќе креира амбиент во енергетиката каде би ја фаворизирал сопствената компанија.

Затоа е битно таквата визија за економската иднина околу која би се договориле, да не се врзува единствено со сегашната гарнитура на власт, туку да добие „заверка“ во поширока смисла. Дури и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ од сопствен каприц да не сака да седне и да стави потпис врз заедничките цели, доволно е да постои поширок консензус на научните институции, невладиниот сектор, политичките партии, кои понатаму со тој заеднички документ ќе вршат притисок врз секоја наредна власт. Она што сме се договориле како држава дека ќе доведе до прогрес, тоа да го реализираме, особено околу тоа каква буџетска консолидација е потребна.

Пругата кон Бугарија, која остана запустена и недоизградена, е една лекција како неконзистентните политики голтаат стотици милиони евра јавни пари, кои можеле да завршат за подобрување на квалитетот на животот. Еден ја почнал, друг не мислел дека е приоритет, трет не ја ни ставил во план и така парите пропаднаа, а можеле да се изградат многу болници, училишта и водоводи со тие средства. Најдобрата, пак, лекција, иако со најдалекусежни последици, е „Скопје 2014“, проект кој при ваков консензус околу фискалната политика во иднина ќе превенираме „никогаш повеќе да не се случи“.

Јавните пари никогаш повеќе да не дозволиме да станат нечија приватна сопственост и инструмент за одржување на власта и моќта, туку да се вложуваат според зацртани цели, кои ќе ги одразуваат потребите на граѓаните. Ако повторно се дозволи нацијата да има „татко“, кој ќе им дава пари на своите деца според „заслугите“, ние нема да покажеме зрелост. Но, тоа бара однесување од другата страна на возрасни индивидуи свесни за потребите, кои го надминуваат личното. За да не останеме деца, кои инсистираат на чист воздух, а врескаат по евтин дизел (за себе), кој загадува.

Поврзани новости