Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Василево

by fokus

Довчерашниот градоначалник на Василево, Вано Стојанов, се товари за злоупотреба на службена положба и овластување затоа што искористил механизација на јавно претпријатие за приватни потреби на трето лице. Според Министерството за внатрешни работи кривична пријава е поднесена и против директорот на јавното претпријатие, 44-годишниот Л.Н. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со  „злоупотреба на службена положба и овластување“.

„Првопријавениот, во својство на градоначалник на општина Василево, на 29.09. годинава, за наводни потреби на општината, побарал од второпријавениот, вработен како в.д. Директор на ЈПКД „Турија“ п.о. Василево наредниот ден (30.09) да биде ангажирана работната машина марка „Хидромек“ во сопственост на ЈПКД „Турија“ со цел да се насипе улица во с. Едрениково и покрај тоа што, на тоа место, според урбанистичкиот план за с.Едрениково не постои улица, односно пат. Второпријавениот на  29.09.2017 година без претходно да потпише налог за користење на службено возило и без да изготви работен налог, му дал задача на Т.П. вработен како багерист во  ЈПКД „Турија“ на 30.09.2017 година, со работната машина марка „Хидромек“ во сопственост на ЈПКД „Турија“ да изврши распостелување и насипување на песок на улица во с. Едрениково, којашто не била опфатена во урбанистичкиот план“, велат од МВР.

Притоа, додаваат од таму, директорот на јавното претпријатие не изготвил ниту фактура за наплата за извршената работа, со што му овозможил на градоначалникот, за приватни потреби на трето лице, да ја искористи работна машина без да се покријат трошоците.

Поврзани новости