Професионалниот војник Татјана Лазаровска тврди дека фејсбук профилот и бил хакиран и дека таа не го напишала коментарот, кој ја згрози јавноста, каде стои дека напаѓачот од Нов Зеланд, Брентон Тарант, заслужува Нобелова награда.
-Некој ми го хакирал Фејсбук профилот или направил паралелен како да е мој и ја напишал недоличната порака „да му даде Нобелова награда за храброст на напаѓачот во Нов Зеланд. Претходно имав ситуација на работа и разговарајќи со старешини им кажав дека ми се бришат и се додаваат личности од фејсбук, но не обрнував внимание зашто јас немам некои информации да пренесувам таму. Не ни помислив дека до вакво нешто може да дојде. Како припадник на АРМ ми е непријатна цела ситуација и срамно е. Како православен христијанин сметам дека не е долично, припадниците на православната вера знаат дека ние верниците не се повикуваме на убиство и насилство врз која било вера и нација – вели Лазаровска за порталот Сакам да кажам.
Од АРМ најавија најстроги санкции доколку се утврди дека таа е одговорна за коментарот. Како што велат од таму против неа ќе биде поведена дисциплинска постапка и ќе биде предложена најстрога казна, односно да ѝ прекине ангажманот во Армијата.