На кумот Ставре му изгоре ќесето!

by fokus 14:46
14:46

архиваТекстот е објавен на 21 ноември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 998

Ако Ставрески во 2006 година беше човекот задолжен за добрите вести од економијата и од „Дуинг бизнис“, по осум години во кабинетот на Груевски тој се доживува како министерот кој „дере“ за да се пополни буџетот. Вицепремиерот не е политичар кој пораснал во партијата и токму затоа тој ја црпи моќта директно од кумството со Груевски иако скопската чаршија знае да каже дека не е во најголема слога со пошироката Фамилија на власт

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Грујо го излизга Ставре. Ова е чаршискиот муабет кој може да се чуе по фамозното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, кое партијата го срочи откако стана јасно дека отиде уџум најавената инвестиција на Субрата Рој во овчеполска Џумајлија. Партијата вели дека ниту Груевски, ниту, пак, владата не рекле оти индискиот тајкун ќе ги истури милионите во Македонија, ниту, пак, кажале дека тоа нема да се случи.

Кусо пребарување на интернет ќе покаже дека Груевски навистина никогаш не се истрчал за проектите на Субрата, иако срдечните фотосесии со симпатичниот мустаклија покажуваат оти премиерот очекувал Индиецот да кешира во огромна фарма со 20.000 крави и во мини Дубаи крај Охридско Езеро.

Затоа, пак, лесно се доаѓа до изјавата на министерот за финансии Зоран Ставрески, кој во февруари 2013, непосредно пред апсењето на Рој, „главом и брадом“ пред камера изјави дека инвестициите на Субрата во Македонија непречено ќе продолжат.

Еве, поради ова, чаршијата гладна за скандали смета дека ВМРО-ДПМНЕ, односно Груевски го излизга Ставрески, оставајќи му го Субрата како личен пропаднат проект на вицепремиерот, кој прв во својата прегратка го дочека Индиецот на скопскиот аеродром.

Меѓутоа, треба да се има на ум дека соработката, пред сѐ, другарството меѓу премиерот и неговиот венчален кум имаат поцврсти корења, кои не се поткопуваат со трач-муабетите од скопските кафулиња, ниту, пак, со повремените внатрепартиски цунамија.

Подемот на кумот

Оние што ги помнат политичките случувања пред триумфот на Груевски во 2006 година, ќе се присетат дека Ставрески го немаше во првите опозициски редови кога партијата ги водеше клучните битки против продажбата на ЕСМ и против територијалната организација. Тогаш стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ наликуваше многу на онаа што денес ја спроведува СДСМ. Имаше секојдневни пресови на Трајко Славески и на Трајко Велјаноски, Зоран Трајчевски и на Атанаско Тунески, меѓутоа Ставрески го немаше бидејќи во тој период беше ангажиран во Светска банка. Неговото назначување за вицепремиер за економски прашања, сепак, не беше големо изненадување ако се знае дека во периодот од 2000 до 2001 година, тој го советуваше Груевски во Министерството за финансии кога со Владата управуваше Љубчо Георгиевски.

Првите неколку години на Илинденска, Ставрески беше владиниот „Мистер гуд-њус“, човекот кој заедно со премиерот ги соопштуваше добрите вести. Само оние што беа на прес-конференцијата, некаде во јуни 2006 година може да се сетат на озареното лице на вицепремиерот, кога тој гордо, со трема во гласот соопшти дека македонската економија од јануари до мај 2007 пораснала за фрапантни седум проценти во споредба со претходните 12 месеци. Веста ја претстави како историска победа над сиромаштијата!

Првата сериозна задача за Ставрески беше Регулаторната гилотина, со која владата планираше да ги отстрани сите двојни, тројни или непотребни процедури во бизнисот за да го олесни работењето на фирмите.

Затоа и „Дуинг бизнис“ на Светска банка почна ревносно да нѐ фали до ден денес. Вицепремиерот беше човекот задолжен на долги прес-конференции, од точка до запирка да раскажува која процедура е укината, која е поедноставена, за колку време ќе се отвора фирма и колку ќе трае еден стечај. Тоа беа првите денови на преродбата кога Ставрески заглавуваше на работа до полноќ и кога само светлото во кабинетот на премиерот остануваше запалено!

Во тој период Ставрески ги имаше и своите белетристички „проблесоци“ како колумнист во „Дневник“, меѓутоа за разлика од Груевски тој на ова поле не се снајде. Доволно е само да потсетиме на дел од насловите на неговите текстови, како „Инфраструктурни проекти“, „Условени социјални трансфери“ и „Гранични премини“, за да сфатите дека Илија Димовски е Борис Дежуловиќ за Ставрески, кога станува збор за пишувањето колумни.

Како тазе министер, Ставрески беше далеку подостапен за новинарите и можеше да се добие со едноставно вртење на фиксниот телефон во неговиот кабинет, нешто што сега, барем за редакцијата на „Фокус“ е научна фантастика.

Тогаш имаше време, смирено и нималку претенциозно да ги ислуша новинарските дилеми и да одговара на прашањата. Тој е истиот Ставрески што го познаваат и вработените во Народна банка кога седел на соседното биро од поранешниот потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски.

Таа негова продуховена страна провејува и на Фејсбук, каде што меѓу информациите за субвенции по грло овца, овес и за тутун, знае да постира и животни мудрости на кои може еден мудрец како Паоло Коељо да им позавиди!

– Со пари можеш да купиш кревет, но не и сон. Книги, но не и ум. Друштво, но не и пријатели. Икона, но не и вера – се истакнал министерот на Фејсбук во јуни годинава.

Од ТЕЦ Неготино до ЊЕТ Неготино!

Првите проблеми за десната рака на Груевски почнаа есента 2007 година, кога експлодира скандалот со неуспешната приватизација на термоелектраната „Неготино“. Сѐ уште на Викиликс може да се прочита информативната белешка што ја подготвила тогашната американска амбасадорка во Македонија, Џилиен Миловановиќ.

Како што информираше Викиликс, Миловановиќ побарала средба со Ставрески за да дознае зошто конзорциумот, во кој водечката е фирма од САД, го изгубил тендерот за ТЕЦ „Неготино“ иако имал највисока понуда. Амбасадорката во дописот до Вашингтон вели дека американската компанија не победила на тендерот поради „необјасниви причини“.

Интересно околу овој тендер е тоа што на еден од јавните настапи Ставрески си зеде за право да одговори на прашање, кое ѝ беше поставено на тогашната министерка за економија Вера Рафајловска од НСДП. Скандалот со ТЕЦ „Неготино“ важи за пресвртна точка по која Тито Петковски решава да му ја откаже љубовта на Груевски.

Меѓутоа, и Ставрески и владата го преживеаја ТЕЦ „Неготино“ и по следните избори излегоа уште посилни. Тогаш власта немаше потреба да притиска по медиумите бидејќи двоецот Груевски – Ставрески сѐ уште беше омилен кај уредниците, дури и во дел од медиумите на Велија Рамковски.

Иако Ставрески не можел да не знае како работи Рамковски и колку данок плаќа, тоа не му пречеше во периодот пред 2009 година и буквално и метафорички да сади краставици со целата земјоделска редакција на А1 телевизија, сѐ додека Велија не им го сврте грбот на преродбениците.

Истото лето кога се расипа калимерата меѓу Рамковски и Груевски, Ставрески го достигна врвот во својата политичка кариера од каде што дрма до ден-денес. Откако пратениците му дадоа шут-карта на Трајко Славески, единствениот министер кој не си даде оставка во 2009 година, Ставрески удобно се смести во неговиот кабинет притоа задржувајќи си ја вицепремиерската титула. Злобните јазици знаат да прераскажуваат дека отстранувањето на Славески од владиниот кабинет може да се гледа како триумф на Ставрески во битката меѓу експертските „тајкуни“ во ВМРО-ДПМНЕ.

Осилен со новата функција оттогаш имаме поинаков Ставрески, кој покрај тоа што решаваше финансиски проблеми се впушти и во други предизвици.

На една саботна прес-конференција во октомври 2010, лежерно и без „кравата“ околу вратот од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ тој обвини дека стратегијата „Надеж“ на Бранко Црвенковски е заговор за насилно уривање на избраните институции и дека токму во неа се поставени темелите на неформалната група интелектуалци Граѓани за европска Македонија (ГЕМ) (Владимир Милчин, Бранко Героски, Роберто Беличанец и други).

Силен од говорница, отсутен од судница

Поради ова, ГЕМ го тужеше министерот, меѓутоа поштарот со години не можеше да ја најде адресата на Ставрески и да му ја врачи судската покана.  Конечно, по декриминализацијата на клеветата, откако овој процес се обнови во граѓанскиот суд, адвокатот на Груевски, Никола Додевски, го одбрани вицепремиерот од обвинението за клевета, меѓутоа Ставрески не се појави на ниту едно рочиште за да се соочи со оние што ги прозиваше од говорницата. Обично не доаѓаше со изговор дека има неодложни обврски – собраниска комисија која почнува дури два часа по закажаното рочиште или итна посета на егзотичната руска република Татарстан.

Неговиот однос кон новинарите еволуираше до границата на ароганција, кога колегите од економските редакции, пред сѐ, на А1 и на Алфа ТВ, се обидуваа од Ставрески да искамчат колкав е државниот долг кон стопанството. Одговорот секогаш беше дека станува збор за „оперативен податок кој се менува од ден за ден“. Најсмешно беше кога ги демантираше бројките на А1, меѓутоа не кажа кои се вистинските цифри. Ќе биде запаметен и по некоректниот однос кон дописничката на „Телма“, кога ја обвини новинарката дека не ја разбира темата за која прашува, притоа заборавајќи дека кога станува збор функционери – нема глупави прашања, ами само глупави одговори.

Министерот за финансии беше активен учесник и во таканаречениот Црн понеделник на 24 декември 2012 година, кога полицијата ги исфрли новинарите и опозициските пратеници од Собранието.

На Јутјуб го има видеото од моментот кога собраниското обезбедување ги отстранува пратениците на опозицијата, и во таа мешаница од првите клупи во собраниската сала Ставрески мавта со левата рака бодрејќи ги „избацивачите“.

Човекот со добрите вести стана министерот што „дере“

Освен ТЕЦ „Неготино“ со Ставрески не може да се поврзе некој мегаскандал, меѓутоа во минатото сме пишувале за тендери кои се интересни за поширокото семејство на вицепремиерот.

Неделникот „Фокус“ уште пред неколку години објави дека фирмата на првиот братучед на Ставрески, Сашо Ефтимоски добила тендер од Министерството за информатика во 2009 година. Станува збор за компанијата „Интервеј“, која зделката вредна околу 800.000 евра ја добила заедно со уште три фирми, меѓу кои и компанијата „Виста груп“, која се поврзува со фамозната НПК на Груевски.

Понатаму, „Фокус“ пишуваше и дека Ставрески не платил 409 долари данок за станот што го поседува во Вашингтон, па во согласност со тамошните правила бил објавен на листата на даночни неплаќачи, исто како што УЈП под негова ингеренција тоа го прави во Македонија.

Под негова палка се спроведува и договорот за рускиот гас од „Јужен тек“ поради кој остро реагираше Европската унија, иако по некоја логика проектите од енергетиката треба да ги спроведува Министерството за економија.

Реакциите за работата на Ставрески главно се насочени кон задолжувањата за кои експертите предупредуваат дека галопираат кон должничко сценарио како она во Грција. Во таа насока оди и последната промена на законите со која од јавниот долг се минусираа борчовите без државна гаранција на јавните претпријатија и на државните трговски друштва.

Најголем гнев министерот навлече на себе со последната „реформа“, според која, сите, и вработени и невработени, од в година треба да плаќаат здравствено и пензиско осигурување доколку добијат хонорар поголем од 9.500 денари во текот на еден месец. Мерка, која според анализата на БИРН, во наредниот буџет ќе вбризга дополнителни 68 милиони евра.

Оваа новина опозицијата и дел од аналитичарите ја окарактеризираа како очајнички потег да се соберат пари во годината кога Македонија треба да врати повеќе од половина милијарда евра на име на рати и на камати од потрошените кредити. Со други зборови, таа јасно покажува дека на кумот Ставре конечно му изгоре ќесето!

Иако Ставрески никогаш не се одважи за овие теми да излезе на дуел со својот пријател од младоста, Зоран Јовановски од СДСМ, за него дуелите никогаш не биле посебен проблем. Тој за разлика од сувата арогантност на Јанкулоска, збунетоста на Јанакиески и тремата во говорот на Груевски, сосема добро се држел во дуелите со Шекеринска или со другите пратеници од опозицијата. Впрочем, ако не се лажеме, тој е еден од последните министри кои гостуваа на А1, на дуел со тогашниот лут противник Стевчо Јакимовски, со кого неодамна најдругарски и коалициски промовираа плоштад во Карпош.

Затоа зачудува што досега не сме го виделе Ставрески во медиумски ринг со Петар Гошев, бидејќи ексгувернерот неколкупати му фрли ракавица преку острите критики за задолжувањето.

Моќта ја црпи директно од Груевски

ВМРО-ДПМНЕ е херметички затворена партија за јавноста и затоа оттаму тешко излегуваат информации за односите на челниците внатре во структурите, меѓутоа од она што излегло како полуинформација, може да се заклучи дека Зоран Ставрески својата политичка моќ ја црпи директно од Груевски. Тој не е израснат во партијата и нема поддршка од базата, како еден Влатко Ѓорчев, напротив често му се лепи етикетата дека е човек од вториот ешалон на Бранковото СДСМ во 1990-тите, иако никој не излегол со конкретен доказ за тоа.

Веројатно, ваквата перцепција на раниот политички ангажман на Ставрески се должи на неговото работење во Народна банка, кога таму прв човек беше неговиот „земјак“ од Охридско, Љубе Трпески.

Покрај Груевски, тој во партијата важи близок и со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, со која, пак, ги делел училишните клупи во основното училиште „Глигор Прличев“ во скопска Железара, каде што предавала мајката на вицепремиерот.

И двајцата беа присутни кога се фрлаа првите лопати на новиот објект за ова училиште. Ако дружбата со Груевски и со Јанкулоска не му е проблем на Ставрески, според истата онаа чаршија гладна за скандали, тој секогаш не е во најдобри односи со она што се препознава како поширок дел од Фамилијата на власт.

Тривија
Страстен навивач на холандската репрезентација

Selfi_HolandijaМинистерот Ставрески е страстен фудбалски фан и веќе малите деца знаат оти омилена репрезентација му е холандската. Од неговиот фејсбук-профил се гледа дека за време на големите фудбалски турнири, тој и колегите министри знаат да излезат и во некое кафуле да проследат натпревар на популарните „лалиња“.

Поврзани новости