Александар Вучиќ во изборниот штаб на Српската напредна странка (СНС) изјави дека неговата листа ги изгуби вонредните парламентарни избори во Србија.
Според проценките што ги изнесе врз основа на стратификуван примерок, листата „Студентска блокада“ ќе освои меѓу 135 и 140 пратенички мандати, а листата околу СНС – околу 105.
„Немаме конечни резултати. Многумина ќе бидат изненадени. И ќе сфатите колку некои лажеле и дека сè измислиле“, рече Вучиќ на почетокот од своето обраќање.
„Сакам да ве информирам дека, врз основа на стратификуваниот примерок, јасно е дека ги изгубивме овие избори. Победи листата ’Студентска блокада‘. Тие ќе имаат меѓу 135 и 140 мандати, а ние околу 105“, изјави тој.
„Имаме некаде околу 1.720.000 гласови – зборувам врз основа на примерокот. Тие имаат околу 2.200.000“, рече тој.
Според него, покрај двете најголеми листи, во парламентот би можеле да влезат и претставници на националните малцинства.
Тој спомена три мандати за Сојузот на војводинските Унгарци и по еден мандат за албанската листа и за СДА, напоменувајќи дека не може со сигурност да ја потврди оваа информација.
Ова се проценки на Вучиќ, а не конечни официјални резултати на Републичката изборна комисија.
Вучиќ најави дека СНС ќе продолжи со своите политички активности како опозиција.
„Ќе имаме 105 пратеници – 100, 105, 106 – како тоа да е важно. Ќе се бориме и ќе им покажеме што е тоа опозиција“, рече тој.
Тој додаде дека е горд на она што го постигнала неговата партија.
„Горд сум на сè што направивме. Се разбира, некои бизнисмени, некои моќници, некои луѓе сега ќе нè напуштат, но нашата структура е многу цврста. Ние сме навистина единствени, многу силни“, рече тој.
„Ние сме навикнати на опозицијата. Повеќето од нас поминаа повеќе време во опозиција отколку на власт“, додаде тој.
За време на својот говор, Вучиќ изјави дека политичките промени во Србија се резултат на револуција која, според неговите тврдења, била поддржана од одредени европски земји и делови од американските структури што му се противат на претседателот Доналд Трамп.
„Ова беше потврда за револуцијата што ја спроведоа со директна поддршка од разни европски земји и од ’длабоката држава‘ во САД – онаа што е против претседателот Трамп“, рече тој.