За Нешкоски заработив отказ, а Кежаровски затвор за Младенов!

by fokus 11:46
11:46

архиваТекстот е објавен на осми мај 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1022

Моника Јовановска е новинарката која прва ја објави веста за убиството на Мартин Нешкоски, но што е уште поважно таа беше сведок на неговата погибија. Во интервју за „Фокус“ зборува за тоа низ што минала тие неколку дена по објавата на веста и за отказот што го добила во „Нетпрес“. Јовановска открива дека има уште најмалку двајца полицајци кои точно знаеле што се случило, но за нивната одговорност никој не зборува.

- Advertising -

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Беше сведок на убиството Мартин ама беше и новинар кој прв ја објави веста дека на на плоштадот во Скопје брутално беше претепано младо момче? Што виде тогаш?

ЈОВАНОВСКА: Да, се случи на некои 5 метри од мене, убаво видов како трчаше Мартин, а Игор Спасов го брка. Детето се сопна…

ФОКУС: Од каде трчаа?

ЈОВАНОВСКА: Видов како трчаат, веројатно од правецот на бината, јас не знам што се случувало на бината, но видов дека Спасов го бркаше….

Имаше еден кабел, детето се сопна, падна на двете раце, се сврте накај Спасов и му викаше „те молам, не ме тепај“… Спасов му дојде во непосредна близина, почна да го удира со нога во пределот на главата, па во слабината и детето изгуби свест. Можеби не сакаше да го убие, нормално, меѓутоа сакаше да го заплаши и изгледа употреби премногу сила…

Кога виде дека детето веќе нема свест, го зеде и го седна на клупа. Некои луѓе од „Баскер фест“ беа во близина и сакаа да помогнат… Но, двајца неуниформирани ликови , кои, кога ги кренаа рацете видов дека носат значки, не дозволија никој да пристапи.

Спасов, како што реков, го крена Мартин на клупа, го седна и се обиде да го освестува со вода од штандот на „Форнети“, но детето не даваше знаци на живот.

ФОКУС: Имаше тројца полицајци во тој момент, значи…

ЈОВАНОВСКА: Да, да, еден од нив кој беше со проседа коса му даде знак на Спасов да го тргне настрана Мартин. Тогаш еден полицаец го фати за едната рака, друг за другата, еден за ногата, и едната нога му се влечеше, брутално го влечеа.

НЕ ХРАБРОСТ , ТУКУ ЧОВЕЧНОСТ

ФОКУС: Што направи следно?

ЈОВАНОВСКА: Утредента се јавив на работа во „Нетпрес“, ме пратија во МВР да земам изјава од Јанкулоска како минале изборите. Пред тоа на Фејсбук напишав статус дека „срамота, на плоштадот во Скопје брутално беше претепано младо момче“.

Заврши пресот, јас прашав дали имаат информација дека е претепано младо момче. Јанкулоска рече , „а од каде тие дезинформации“? Јас реков дека тоа не се дезинформации, дека јас самата видов што се случи, на што Јанкулоска ми рече, „може да дадеш изјава, да го пријавиш случајот“.

Се вратив во редакцијата и на Фејсбук видов дека едно девојче искоментирало „детето што го тепаа е мртво“.

ФОКУС: Како ја прими таа вест?

ЈОВАНОВСКА: Не може на тоа да останеш рамнодушен. Тоа не е храброст, тоа е човечност. Јас не бев ни свесна можеби, колку е тоа опасно. Видовте што му се случи на Кежаровски кој истражуваше за смртта на Младенов. Можеби имав среќа што не ме познаваат, и самите во разговорите велат која е таа првпат ја гледам, всушност јас сум „талентот“ за кој зборуваат.

ФОКУС: Немаше проблем од уредникот да се објави веста?

ЈОВАНОВСКА: Не, му реков дека јас бев сведок на тоа. „Нетпрес“ во тоа време важеше за независен медиум, но работите се сменија. Уредникот Дејан Николовски беше заинтересиран за веста, рејтингот на „Нетпрес“ се крена со објавувањето на таа вест. Беше професионално направена, имав сведоци, немаше потреба јас да сведочам, уредникот ми рече дека не е добро за медиумот јас да бидам и автор на веста и сведок. Ја објавивме веста. Прво велевме дека станува збор за Даниел од Ѓорче, се повикувавме на една девојка што го тврдеше тоа.

ФОКУС: Само една вест?

ЈОВАНОВСКА: Не, не, станува збор за неколку вести. Подоцна беа тргнати од страната на „Нетпрес“, но јас имав направено принт скрин каде што се гледа дел од веста.

Објавивме дека Спасов е дел од специјалната единица „Тигри“, а објавив и текст дека треба и други лица да одговараат за убиството затоа што тие двајцата полицајци во цивил спречија пружање помош.

Потоа одев на пресовите на Котевски, а тој ме игнорираше, одговараше дека сум немала поим од новинарство, тој бил новинар, дека сум морала да се консултирам со МВР.

УБИЕНА ЖЕЛБА ЗА НОВИНАРСТВО

ФОКУС: По колку време доби отказ од „Нетпрес“?

ЈОВАНОВСКА: По една недела. Јас работев за 8.000 денари по цели денови, не бев ни пријавена, останував од утро до вечер, известував за протестите, се враќав во редакцијата и на крајот ме избркаа, се чувствував дека светот ми се срушил.

ФОКУС: Со кое образложение?

ЈОВАНОВСКА: Дека се расипала бравата на вратата, смешно. Јас се враќав од протестите за Мартин и сакав во редакција да ги објавам вестите, дома немав интернет, и дојдов… Кога си заминував се обидував да отворам, но никако не можев. Се чудев што е работата. Во тој момент на вратата се појавија Дејан и директорката, јас се израдував, велам јас сум, вратата е заглавена. Тие рекоа дека комшиите пријавиле дека имало крадци. Во рок од две минути отворија, ја одглавија вратата, рекоа дека ова што се случило е непростливо, дека вака не смее. Останав зачудена, велам зошто? Тоа беше нелогично објаснување.

Утредента пак се видов со уредникот, ми рече, „тоа е тоа“. Ми останаа и должни 3.000 денари, само 5.000 ми платија, бев изиритирана и на Фејсбук им напишав дали планираат да ми ги вратат парите, а Дејан во приватна порака ми напиша дека ќе се потрудел во ниту еден медиум да не најдам работа. Не дека тој се потруди, но јас повеќе немав желба за новинарство, иако толку многу го сакав.

ФОКУС: Ти ја убија желбата за новинарство?

ЈОВАНОВСКА: Да, сега работам нешто што нема допирна точка со новинарство.

ФОКУС: Те потресе тоа што го слушна во бомбите?

ЈОВАНОВСКА: Прво ме навреди, затоа што така високи државни функционери не смеат да навредат личност што сакала да обелодени убиство. Треба да се благодарни за тоа. Имаше и уште една случка. Главен инспектор за крвни деликти почна да ми се јавува во непристојно време, ме викаше на вечера, да ми се заблагодарел за соработката со МВР. А јас ги носев сведоците до полициската станица Беко, ги чекав, ги враќав.

ФОКУС: Во нормална демократска држава, веројатно ќе беше наградена за твојата новинарска упорност за истражување на смртта на Мартин.

ЈОВАНОВСКА: Така е, ама јас во Македонија добив отказ.

Поврзани новости