(ВИДЕО) Студентите прогласија победа на изборите во Србија: Вечерва славиме, од утре градиме!

by irena 23:17
23:17

Студентската листа „Студентите победуваат“ прогласи победа на вонредните парламентарни избори во Србија.

Според првичните проценки на CeSID и Ipsos, студентската листа освоила околу 52 отсто од гласовите и би можела да добие 138 пратенички мандати, што би обезбедило самостојно мнозинство во парламентот. Во изборниот штаб на студентите започна голема прослава, а претставниците на листата упатија порака до граѓаните за почетокот на ново поглавје за Србија.

„Драга Србијо, вечерва се слуша гласот на народот, вечерва се слуша гласот на слободата. Вечерва граѓаните на Србија покажаа дека ниту една пречка не е поголема од нивната волја, дека ниту еден страв не е посилен од нивната храброст и дека ниту една сила не може засекогаш да го надвладее народот кој одлучил својата судбина да ја земе во свои раце“, изјавија претставниците на студентската листа.

Според проекциите на CeSID и Ipsos, засновани на 56 отсто од обработениот примерок, студентската листа освоила приближно 138 мандати, додека листата на Александар Вучиќ би требало да освои околу 104 мандати.

Ова се првични проценки, а не конечни официјални резултати од Републичката изборна комисија.

Студентите ги повикаа граѓаните да ја прослават победата мирно и достоинствено, без конфликти и насилство.

„Ги повикуваме граѓаните да ја прослават победата мирно, достоинствено и гордо, да не подлегнуваат на провокации, да не влегуваат во конфликти и да не дозволат ничиј обид за предизвикување тензии да го засени она што заедно го постигнавме“, рекоа тие.

„Нека нашиот одговор на секоја провокација биде достоинство, на секоја навреда – мир, а на секој обид да нè разделат – уште посилна солидарност“, продолжија тие.

Тие нагласија дека не сакаат прославата да прерасне во насилство.

„Не се боревме со месеци за вечерва да го изгубиме она што нè правеше посилни цело време: вербата во правдата, солидарноста и ненасилството.“ „Вечерва славиме на начинот на кој Србија најдобро знае: со песна, игра, прегратки и солзи радосници. Славиме заедно, бидејќи оваа победа е заедничка. Славиме без омраза, зашто слободата што ја сакаме мора да биде слобода за сите“, рекоа тие.

Во својот победнички говор, студентите истакнаа дека изборниот резултат го гледаат како почеток на големи промени во Србија.

„А утре? Утре започнува работата. Сериозната, одговорна и тешка работа на градење Србија во која законот важи подеднакво за сите, во која вистината не се казнува, во која знаењето се почитува, во која младите ја гледаат својата иднина и во која никој не мора да стравува само затоа што размислува поинаку“, рекоа тие.

Тие нагласија дека не очекуваат лесен период.

„Не ветуваме дека сè ќе биде лесно. Ветуваме дека нема да заборавиме зошто започнавме. Нема да ги заборавиме луѓето што ни дадоа доверба. Нема да ги заборавиме вредностите за кои се боревме.“

„Нема да заборавиме дека власта не е привилегија, туку одговорност кон народот“, додадоа тие.

Претставниците на студентската листа изјавија дека победата не им припаѓа само ним, туку и на сите граѓани што ги поддржаа.

„Зашто Србија не е само земја на картата. Србија – тоа се нејзините луѓе, нивната надеж, нивната борба и нивното право на достоинствен живот.“

„Вечерва покажавме дека промените се не само можни, туку и дека постои волја за нив. Сега мораме да покажеме дека сме достојни за довербата што ја добивме“, рекоа тие.

На крајот од обраќањето, беше упатена порака која предизвика воодушевување кај присутните во изборниот штаб.

„Студентите победија. А со нив победи и надежта дека Србија може да биде земја на правдата, слободата и достоинството.“

Студентите нагласија дека сакаат да изградат општество во кое политичките разлики нема да бидат причина за поделби.

„Нека оваа ноќ биде почеток на ново поглавје. Поглавје во кое нема да бидеме поделени на победници и поразени, туку заедно ќе градиме земја во која секој има право на глас, на вистина и на иднина“, порачаа тие.

Слични вести