Текстот е објавен на 17-ти јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 833
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
Од сите дешавки ноќта на петти спроти шести јуни, најевропски звучеа честитките за изборната победа што Шекеринска и Црвенковски ги упатија до ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Неизговореното, пак, од лидерот на СДСМ влегува во балканските навики на третирањето на поразот како успех.
Знаете она, кога секој ќе си удри математика, корен и куб од едни бројки, па малку собирање, вадење, множење и делење на други, и на крајот доаѓа до епохален заклучок дека партијата има прогрес, наспроти некои друг изборен процес. Но, развиените демократии низ вековната традиција дошле до рационален заклучок, не заради луксузирање, дека капитенот на тимот што не ја освоил власта, а за тоа нели се трча на изборите, поднесува оставка.
Зарем кога го предизвика Груевски на предвремени избори, Црвенковски калкулираше дека под успех подразбира сѐ што е повеќе од изборното соочување во 2008-та? Зарем затоа се залета, да им даде нови 4 години на „реформите“?
Но, има уште нешто, кое многу повеќе наликува на западнобалканска мантра. И покрај сите закани, притисоци, уцени и страв, кои власта ги (зло)употребила, а така ја започна својата беседа Радмила, додека Бранко стартуваше со: „И покрај сѐ што се случуваше во изминативе два месеци, ете, сепак розите од Бихаќка иако не експлицитно, на оваа изборна авантура и дадоа ореол на ФЕР и ДЕМОКРАТСКА!
ЗАРЕМ ЗА 500 ДЕНАРИ ОД ГЛАС ДАВАА ФИСКАЛНА?
Како може, бре, да има толку закани, уцени и притисоци, власта да сее страв среде изборна кампања, а целиот циклус да се смета за демократски?! Што има фер во тоа оној што ја има власта и неограничената моќ да ги користи сите државни ресурси, сите институции, народните пари, за да се пазари за гласови? Ако е тоа фер, што тогаш би се сметало за нефер?!
Да делиш решенија за социјална помош и тоа ретроактивно за 20 месеци, а при тоа да деградираш закон со некаков правилник, само затоа што не ти текнало порано да го скоцкаш тоа во законска рамка за да купуваш на раат гласови на сиромаштијата, и притоа уште да се џилиташ со „папирите“ во партиски штаб – сигурно не се вклопува во демократски дострел. Тоа е само арогантно однесување во духот на недемократските системи, дека „никој ништо не ни може“!
Да уценуваш луѓе со здравствени маки, само затоа што едикоја си партија те поставила на некакво раководно место, а имаш моќ да „раздаваш“ народни пари кои дури ги ставаш во функцијата – за купување гласачки души, е безобразие од најдолен вид, кое метастазира само затоа што на Партијата сѐ и е под контрола, па и оние што би требало да ги санкционираат ваквите злоупотреби!
Да прислушуваш лидер на опозициска партија, пред и за време на изборна кампања, само затоа што инструментите за „скенирање“ на непријателите ти се законски доверени, но не за незаконска примена, најмалку влегува во фер изборна атмосфера. А, зарем некој од другите лидери и лидерчиња е сигурен дека не ѝ станал сомнителен на Јанкуловска, па со амин на „реформираното“ судство на Маневски, бил под контрола на преродбата 24/7?
Ете, кај нив можеби не собрале доволно докази, па никому ништо. Треба ли да се споменува дека ниту функционира асално комисијата надлежна за контрола на ваквите прислушувања, ниту пак некогаш во изминативе 5 години Сашо Мијалков дојде на сослушување во собраниската комисија, чиј назив премногу саркастично звучи – За контрола на УБК!
Да почнеш да го следиш сомнителниот лидер уште пред официјално да почне кампањата, па, за да има посурова казна, дури и да го измениш законот среде операцијата; да го апсиш душмански при сѐ уште незавршен рок за отчет заради „земање кеш“ звучи настрано, барем во прилог на сценаристот и режисерот на овој трилер. Небаре оние што раздаваа по 500 денари на Ромите да гласаат за „реформите“ шетаа со апарат за фискални под мишка!
Да не разглобувам премногу, оти работите на сите им се јасни, само не знам зошто се прават мутави, ќе споменам уште две сцени од нашата предизборна селска идила. За прв пат во овие две децении беа фатени на дело патници од Бугарскиот воз, арно ама, на ваквите дури и „билетите“ им ги признаа.
За втор пат, пак, добивме една креативна мучкаторска операција, варијанта на Бугарските летоци од 1990, што сега беше операционализирана во писма измишљотки на два десничарски лидери – Љубе и Стојанче. Со оглед на тоа што Бугарските летоци беа смучкани во лабораториите на КОС и УДБА, останува уметничкиот впечаток дека некој од преродбата баш ги обожува и милува овие кос-дострели!
А, и пи-ар-от им се одвиваше според удбашкиот специјалитет – пита лајнарка, кога на еден точен податок ќе нафрлиш уште пет измислени, со цел да дискредитираш одредена личност или настан!
ШТО Е ДОСТОЈНО ЗА ВЛАТКО ЃОРЧЕВ?
Излезе дека сиве горенаведени „реформаторски“ подвизи се дел од едни ФЕР и ДЕМОКРАТСКИ избори!!! Сите тие налагаат учество на повеќе лица, организирана група, што по дефиниција би влегло во некакво „отмено“ злосторничко здружение. Сите овие валкани дубари, ако воопшто бидат процесуирани, ќе завршат со по некој курбан за замачкување очи ала Игор Спасов, за да се заштитат налогодавачите, организаторите и помагачите на овие изборни злосторства. Кај летоците, на пример, можеби ќе се најде некое дете што ги делело, оти некој чичко ги пуштил летките од авион, а што знае дете што се 100 кила, па решило да ги расподели правично!
Зошто некој толку самоуверено, бескрупулозно влегува во вакви криминални сценарија, пардон – сценарија за фер и демократски избори? Па, познато е дека оној што прави прекршок или кривично дело не размислува за казната, туку само да не го фатат. Оној што е сигурен дека нема да го фатат, дали затоа што има моќна позадина меѓу фаќачите, или самиот е дел од таа структура – нему око не му трепнува дека може да нафрка.
Ете, затоа портокаловата дружина не се снебиваше ич од своите дубарџиски шеми. Но, ваквите нивни дострели го разголија докрај нивниот систем на вредности. Затоа и сторија обид да забошотат свирепо убиство на едно 22-годишно момче. Сега пак се упорни да ги забошотат помагачите за прикривање на убиството!
Кога ќе се сети човек колку пари народни фрлија за да нѐ едуцираат за ЕТИКА и етичко однесување, логично е да се помисли дека тоа се лекциите кои самите ги пропуштиле. Ако уцените, притисоците и заканите од позиција на моќ се етичко однесување, кое ги прави изборите фер и демократски, тогаш тешко нам! Кога уште на вака остварена победа ќе подмочаат од радост, тогаш дефинитивно не ни претстојат добри денови.
Затоа е тешко да се дешифрира хуманата порака на фер победникот, Влатко Ѓорчев, дека после ваквите резултати, СДСМ конечно ќе имала можност од септември да се реформира и да стане, внимавајте – достојна опозиција! Ако може да прашам: Што за Влатко Ѓорчев е ДОСТОЈНО? Оти, очигледно имаме драстично различни критериуми!
И така, после консензуалното вреднување на сите претходни сликички како дел од фер и демократска изборна атмосфера, бидете убедени дека на некои следни изборни процесии, ваквите „демократски“ изблици ќе ги доживуваме како уште подемократски потези за фер амбиент. Кога ќе се проголта преседанот, тој потоа станува правило!
ТРИ КАДРОВСКИ ПОРАКИ ОД ВИКИЛИКС!
Всушност, ние од година во година, од избори до избори, сѐ повеќе ги симнуваме нашите стандарди. Администрацијата и управата сѐ подлабоко се ораат како поле за садење на партиските фиданки. Благодарение на оваа „убавина“ се држат за узда членовите, со помош на неа се уценуваат и врбуваат со заплашување гласачите… Уф, да не заборавам – со фер и демократски алатки.
Штом оваа агресија на преродбениците помина со добра оценка, треба да биде човек наивен или будала, па да помисли дека тоа ќе престане напрасно или дека нема да биде надградено и проширено во уште илјада чекори. Ваквиот систем на радикално полнење на администрацијата со свои партиски деца, во Америка прекинал откако доживеале катарза. Тогаш, кога пред стотина години еден разочаран партиски активист што не го добил ветеното вработување го убил претседателот. Е, дури тогаш рекле: Доста е!
Но, ете, Црвенковски „избрза“ со признавање на изборите за фер и демократски, и покрај нели се што се случувало. Ама, и странските фактори удрија фалби и пофалби. Сепак, и полнењето кутии во 1999 година за Борис Трајковски беше експресно признаено од Вашингтон и Брисел, и тоа на повисоко ниво од сега.
Оттука и обидите да се дешифрираат сите овие знаци и сигнали на нашиот транзициски пат, што, пак, одат по цик-цак линија. Да потсетиме, и покрај сите фалсификати и насилства на изборите во мандатот на Љубчо Георгиевски, бројните корупциски афери, безобразно купување пратеници, купување на фирми и фарми како партиски имот од сомнителни финансиски извори, сепак, Георгиевски беше прогласуван за лидер во Југоисточна Европа, се додека последната година од мандатот не се занесе дека може да игра контра геополитичките игри на светските центри на моќ. Е, дури тогаш го „затропаа“ како бебе тропалче!
Со други зборови, проценките се дека „промена на името“ најдобро би му легнала како задача токму на оној кој го запали античкиот пламен во срцата на „рајата“. Опозицијата би била „достојна“ како што предвидува Влатко, односно, не би правела сопки. Во секој случај, Груевски доби порака преку Викиликс, кои кадри му се корумпирани, а кои дури и озлогласени.
Не ќе да е исцрпен списокот. Попрво ќе е вовед во следните ликсови. Со оглед на досегашните калкулации дека Михајло Маневски и Миле Јанакиески не се во игра за министерски места, ниту пратеници, останува енигмата, дали Сашо Мијалков ќе биде „колатерална штета“ на Викиликс?
За волја на вистината, има и такви кои се надеваат дека игранката ќе се случи после неуспешниот обид на победникот да состави нова влада. Тие се убедени дека за само неколку месеци откако ќе се потарашка по трошаџиските есапи на Груевци, ем фиоките во МВР, УЈП и судството, ќе може да се урнат успешно митовите за чесност и за патриотизам на Преробениците.
Ако разгласите на власта форсираат дека е фер и демократски, Груевски да „земе“ неколку пратеници од коалицијата на СДСМ, тогаш фер е истото демократско право да му го признаат и на опозицискиот табор!
За сега, најверојатна делува прогнозата дека името е клучот за опстанокот на Груевски. За жал, нам не ни олесни на 6 јуни (како што порачуваа од ОМ), оти „реформите“ победија – уф, фер и демократски, ем повторно со Бранко ќе одиме на одмор, иако Груевци ветуваа поинаква опција!
За да дознаеме како „фер и демократски“ се играше во Третата изборна единица, каде ВМРО-ДПМНЕ оствари најголем успех, а таму се тркаа дури тројца лидери на помалите десничарски партии, снимивме неколку куси разговори со нив. Во секој случај, Фокус успеа барем да ги седне заедно Марјан Додовски, Стојанче Ангелов и Ден Дончев.
Марјан ДОДОВСКИ, претседател на ВМРО-НП
ВО ШТИП НЕМА АЛБАНЦИ, АМА ДУИ ОСВОИ ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД МЕНЕ, ЉУБЕ И СТОЈАНЧЕ!?
ФОКУС Дали имате објаснување, како ВМРО-ДПМНЕ успеа баш во Тројката да направи најдобар резултат, а никој од помалите партии од десницата да не го мине прагот за влез во Парламентот?
ДОДОВСКИ Сакам да истакнам дека ВМРО-ДПМНЕ направи посебна стратегија за десниот кампус на политички партии. Штабот, фокусиран на луѓето од десницата, функционираше беспрекорно. Темелно и буквално беше снимен секој оној, кој е запишан во единствениот избирачки список. Вие да дојдете до информации дека се знаело, буквално, кој во која продавница колку должи, кој има поднесено барање за кредит да му се одобри, кој какви казни има – прекршочни или кривични, кој имал пријава од УЈП… Сето тоа беше ставено во функција, за луѓето да бидат уценети!
ФОКУС На еден од митинзите, Љубчо го прозва Жарко Караџовски. Кои биле емисарите кои оделе за да ги убедуваат вашите луѓе?
ДОДОВСКИ Емисарите во Тројката беа многу интересни. Тие се во групата на Жарко Караџовски, како Марија Козјаклиска, Јован Андоновски, поранешниот генерален секретар, кои без срам и перде одеа со ветувања за вработување, за укинување на прекршочни пријави… Ги искористија сите инструменти за да може да се направи притисокот, за да се дојде до посакуваниот резултат. Очигледно е дека одредени луѓе беа ставени во машина, дури да мора да доаѓаат и по митинзите и да веат знамиња, но, да мора да работат и за нив!
ФОКУС Излеговте со тезата дека генералите беа Тројански коњи во десницата. На кого конкретно алудирате?
ДОДОВСКИ Има многу генерали во Македонија, дел од нив активни, дел пасивни. Очигледно е дека дел од пасивните генерали, кои имавме можност да ги видиме и на самиот терен, извршија упад во „системот“!
ФОКУС Практично, Груевци успеаја да ги исплаткаат генералите?
ДОДОВСКИ Клучниот момент, кој можеби ќе се покаже како најтежок за Македонија, е што институциите на системот беа ставени 100 отсто во функција на партијата. Не се бираше дали се работи за Агенција за разузнавање, Контраразузнавање, УЈП, ДБК, јавна, тајна безбедност, социјални служби, Фонд за здравство, подрачни единици…
Се случи целосна блокада на државниот систем, кој работеше за партијата на власт. Она што е најпроблематично е што се влезе во најинтимниот живот на секој граѓанин. Ако знаете, на пример, дека некој треба да прави ин витро, и вие тоа го користите во избори, тоа е монструозно.
Втора работа, вие на секого да знаете во кое дуќанче нема платено сметка и да одите кај газдата на дуќанот и да се понудите да ја платите неговата сметка. Трета работа, да им влезете во приватните сметки на луѓето и да знаете кој каде аплицирал за кредит и да им кажувате дека кредитот ќе ти биде одобрен, ако ни донесеш гаранција дека си гласал за нас..!
ФОКУС Како сега го коментирате резултатот во Тројката?
ДОДОВСКИ Резултатот во Тројката, како прво е нелогичен, нереален. Од друга страна, на толкава артилерија и машинерија што се употреби, треба да се гордееме со освоените гласови.
Уште првите денови од кампањата, на еден од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ дошол еден од кандидатите и им порачува: „Ќе се применат сите средства да не влезе никој освен ВМРО-ДПМНЕ. Не нѐ интересира што ќе правите, како ќе правите, колку ќе правите, Марјан не смее да стане пратеник и ВМРО-НП не смее да има пратеник во Третата изборна единица“.
Кога ми јавија моите, првично не да не ми се веруваше, туку логиката на нештата кажуваше дека таму имаме бастиони на неколку места кои за нас беа показатели дека што и да се обидат да направат, нема да успеат. Но, што се случува? Стигаат резултатите и вие гледате дека ДУИ во Штип, каде што нема Албанци, освојува повеќе гласови од мене, повеќе од Стојанче и повеќе од Љубе!?
Значи, повеќе гласови од тројцата претседатели на политички партии добива министерот за здравство од ДУИ, во место каде што нема ниту еден Албанец!? Најдете ја здравата логика во приказната! Или, пак, наша членка која оди да гласа, неа ја нема на изборниот список, а сопругот кој и е починат пред 10 години, него го има!? И, што понатаму да правиме муабет!
ФОКУС Како го доживеавте апсењето на Љубе?
ДОДОВСКИ Ништо не се смени од она што беше пред 5-ти јуни. Имавме една приказна на апсења пред изборите, најавени апсења за време на кампањата, така што 6-ти јуни си беше исто како и пред изборите. Мислам дека беше една голема порака до сите лидери. Она што го кажувавме и во кампањата е дека демократијата падна сосема во Македонија и таа мора да се врати за да имаме доверба сите ние!
ФОКУС Се согласувам со Вас, но, како сега да ја вратиме, кога тие се повеќе се аздисани?
ДОДОВСКИ Да утепате невино дете, кое дошло да ја слави победата на ВМРО- ДПМНЕ е повеќе од страшно. За таков случај, во Грција падна влада. Кај нас сега одеднаш се појавуваат лица кои се во државни служби, па се во приватни служби, па се надвор од тие служби, се убива 22-годишно дете и се фрла буквално на страна и никој ништо не знае!? Обид да се сокрие безкрупулозно убиство! Посрамно од тоа, нема за една држава!
Стојанче АНГЕЛОВ, претседател на ДОСТОИНСТВО
НЕ МУ ОДОБРИЈА ИН ВИТРО, ЗАТОА ШТО БИЛ НАШ АКТИВИСТ!
ФОКУС Еден од мизерните проекти, кој беше „Остварен“ од штабот на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред изборниот молк, беа лажните писма што наводно сте ги напишале еден против друг, Вие и Љубе Бошкоски?
АНГЕЛОВ Јас бев на пат низ источна Македонија, кога ми јавија дека на телевизија Сител, стручњакот Павловиќ Латас чита некакви писма од мене и од Љубе. Со оглед на тоа што јас немав напишано такво писмо, се јавив во штабот кај Бошкоски и тие ми потврдија дека и Љубе не е автор на такво писмо.
Веднаш се јавив во ТВ Сител, од каде што на вулгарен начин, кога се претставив: Овде е генерал Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство, од таму машки глас ми одговори со потсмев: А овде е генерал Горан Стојков. Ќе посветам неколку години од животот за да го најдам тој дечко и во живо да се запознаеме!
ФОКУС Се јавивте во Сител за да ги демантирате писмата?
АНГЕЛОВ Барав да ме поврзат со Латас, за да можам веднаш да ја демантирам веста, но тие не сакаа. После тоа се јавував уште неколку пати, но не сакаа да демантираат. Едноставно, останавме без демант. А целиот процес започна во четвртокот кога паралелно имавме митинзи во Штип, ОМ и Достоинство.
Вечерта ми се јавија неколку новинари, да ме прашаат за тепачката меѓу приврзаниците на Достоинство и ОМ. А немаше никаква тепачка, тоа беше безобразна измислица. Но, лагата продолжи да се објавува, па, наредниот ден на Сител, и тоа го искористија како повод, наводно тоа што се истепале Достоинство и ОМ, дека ме испровоцирало мене за да му напишам писмо на Љубе, а тој веднаш ми одговорил со отворено писмо!!!
ЛЕТОЦИТЕ ГИ ДИСТРИБУИРАА НАД 200 ЛУЃЕ
ФОКУС Кој прв ја објавува оваа измислена приказна?
АНГЕЛОВ Прв ја објави интернет сајтот Курир, од каде што наводно веста ја превземаа Сител и Канал 5, провладините медиуми. Против сите нив подготвуваме кривична пријава и ќе тераме до крај по секоја цена!
ФОКУС Вашите измислени писма всушност биле растурани како летоци?
АНГЕЛОВ Ноќта помеѓу петокот и саботата, кога започна изборниот молк, источна Македонија буквално беше преплавена со летоци кои што го имаа наводното мое и писмото од Бошковски, во кое има многу гадотии, долни работи. По моја проценка, биле печатени неколку стотици илјади вакви летоци. Само во Штип, буквално на бришачите на секое возило, имаа ставено вакви писма. И покрај тоа, писма имаше во секој двор, во секоја зграда, во секое сандаче. Имаше фрлано и на улица, по ресторани, буквално низ цела источна Македонија!
ФОКУС Дали јавивте во полиција?
АНГЕЛОВ Пријавиме уште истата ноќ, околу 1 часот по полноќ во СВР Штип. Запишано е во книгата за дневни настани како кршење на изборниот молк. Ние ги знаме некои од лицата кои ги расфрлаа летоците, но не сакавме да се пресметуваме со нив, бидејќи ќе се направеше поголема штета.
ФОКУС Се сомневаш дека овој проект, многу сличен на „Бугарските летоци“ на изборите 1990, е дело на штабот на ВМРО-ДПМНЕ?
АНГЕЛОВ Да, Илија Митров од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ од Штип ми го призна тоа. Кога го прашав – зошто, тој кажа: „Генерале, од ова Вие ќе имате корист, Љубе ќе има штета, бидејќи писмото на Љубе е напишано пониско“. Демек, тие намерно го направиле тоа, за Љубе да излезе повалкан од мене. Прво се чудев на дрскоста и ароганцијата на тоа момче, со кое ќе поразговарам во наредниот период. Тие воопшто не негираа дека се направени писмата од нив и дека се дистрибуирани од нив. Во дистрибуцијата учествуваа повеќе од 200 луѓе, бидејќи писма имаше и во други градови!
ФОКУС Каде биле печатени овие летоци?
АНГЕЛОВ Нашите информации зборуваат дека се печатени во печатницата Европа 92 во Кочани. Летоците се испечатени на мазна хартија, не се правени на фотокопир, а сето ова е подготвувано со денови однапред, можеби уште и пред да започне кампањата. Се гледа дека е добро подготвено и дека е искористен моментот на предизборен молк, кога ние не можеме да возвратиме.
ФОКУС Тоа покажува дека оваа власт од утре е подготвена на сѐ?
АНГЕЛОВ Ќе ве поправам. Оваа власт од утре нема да биде подготвена на сѐ, таа одамна е подготвена на сѐ. Ние сме сведоци со години дека е подготвена на сѐ!
ГЕНЕРАЛОТ ГОРАН СТОЈКОВ Е ОБИЧЕН ЛАЖГО!
ФОКУС Сте се обратиле ли кај сопственикот на печатницата Европа 92, Ратко Димитровски, кој е и градоначалник на Кочани, заради вашите сомнежи дека лажните писма биле стокмени таму?
АНГЕЛОВ Не, а и немам намера да му се обратам. Јас за него имав позитивно мислење, како пријател, но, најверојатно сум се лажел. Тој, како градоначалник на Кочани, како сопственик на печатница, верувам дека има милионски капитал, но падна на најниско ниво, да зборува со двајца активисти на Достоинство од едно кочанско село, за да ги разубеди да не гласаат за нас. Не сакам да зборувам за таков човек, тој нема достоинство!
ФОКУС Разјаснете ми ја улогата на генералот Горан Стојков, кој агитираше за ВМРО-ДПМНЕ, иако 5 години Груевски не само што не го прифати законот кој што го нудевте, туку бранителите ја враќаа оштетата што судот им ја доделил?
АНГЕЛОВ Една од варијантите е дека е купен, а другата е дека е уценуван со кривичните пријави. Против него има кривична пријава за 1 милион евра муниција, која беше платена, а муницијата наводно не е донесена. Судскиот процес уште не е завршен, па можно е да е со тоа уценет.
Конкретно кај Стојков, може да е во игра и лакомоста за некоја функција, бидејќи човекот дојде на маргините на општеството и веќе никој не го есапи. Но, против Стојков ние исто така ќе поднесеме кривична пријава. Човекот е обичен лажго, кој највулгарно лаже, гледајќи во камера. Тој никогаш не бил член на Достоинство, во ниту еден момент.
Го формиравме здружението во 2006 година, а во декември 2007 година, една година по формирањето, го имавме првото Генерално собрание, како поголем собир на бранителите, во домот на АРМ. Меѓу другото, таму поканивме повеќе гости, а Стојков беше еден од нив.
Но, тој ја извртува тезата, како спин мајстор на ДПМНЕ, дека наводно ние тогаш сме го формирале Достоинство, дека сме се договориле да не се меша политиката… Значи, глупост до глупост, целосни невистини. Тие знаат дека тоа на суд ќе падне, но, еве, и мојата тужба против Јанкуловска никако да биде процесуирана, иако помина повеќе од половина година!
ФОКУС Каква тужба, за клевета?
АНГЕЛОВ Излажа дека против мене има правосилна пресуда во периодот кога ме напаѓаа, кога бев нивна мета. Сѐ што ќе покрене власта, оди со брзина на светлината, а тужбите против припадници на власта, се држат во фиока!!!
КОЈ Е СЛЕДНИОТ ПОСЛЕ ЉУБЕ?
ФОКУС Дали власта успеа само со вакви подметнувања да ви ги земе гласовите или има уште некои други малверзации на денот на гласањето?
АНГЕЛОВ Имаше невидени притисоци. Нашите најагилни членови и активисти беа подложни на притисоци, на влијанија, бидејќи се вработени во полицијата и во армијата. Јас сум згрозен од методите што ги користеше власта.
Заменикот министер за одбрана ги викаше професионалните војници еден по еден. Замислете го нивото, кога заменик-министерот ги вика професионалните војници еден по еден, да ги убедува и да им се заканува да не бидат активисти на Достоинство, па сигурно најдоа начин да ги контролираат за кого ќе гласаат.
Има неколку верзии, сега е рано да зборувам, но јас сум убеден дека тие најдоа начин како да ги контролираат оние што ветија дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Внесоа страв меѓу гласачите, дека на сите избирачки места се инсталирани скриени камери. Знаете дека кај нас постои параноја дека сите се снимани, следени, а веќе не знам и колку е тоа параноја или вистина, после она признание за Љубе Бошкоски!
ФОКУС Презеде ли власта одмазнички мерки кон непослушните?
АНГЕЛОВ Вработените од полицијата, тројца од Кратово, од посебната единица, ги исклучија. Командирот, наш активост од сообраќајната полиција од Кавадарци, неколку недели пред изборите го сменија. Во Штип и во други градови, едноставно ни се закануваа дека ќе ги испратат на работа во други градови.
Еден од нашите постари членови, постар водник од штипската касарна, му кажаа дека ќе биде пратен во Кичево, ако веднаш не прекине со активностите во Достоинство. На наши активисти од едно кочанско село не им одобрија ин витро, само заради тоа што мажот беше активист кај нас, но им беше непријатно да зборуваат јавно за својата мака. Ова е втор случај на уцени со ин витро.
Луѓето се премногу горди, тие се од село и знаете каков е менталитетот таму. Им го укинаа правото, иако ги исполнуваат сите критериуми, но им нафрлиле дека се одбиени заради тоа што се активисти на Достоинство!
ФОКУС Не минаа ни 24 часа од изборите, следуваше спектакуларно апсење на Љубе Бошковски пред синот!
АНГЕЛОВ Како поранешен заменик-командат на Тигрите, јас сум учествувал во многу такви апсења, но тогаш не ги снимаше телевизија. Сител прв дознава, уште пред да дознае уапсениот, тоа сите го знаеме. Таква сила и таков метод се применува кога се апси опасно лице, за кое се претпоставува дека може да пружи вооружен отпор.
Љубе Бошкоски е политичар и не знам дека знае карате, кик бокс или некоја друга вештина. Начинот на кој го уапсија, буткањето на земја, влечкањето, цело време го потпираа на подвижниот тоалет, а тоа не верувам дека е случајно, бидејќи е направено така за да ги исплашат останатите кои гледаат, а Љубе да ги исмејат и да го понижат. Сметам дека со тоа направија контра-ефект, бидејќи ова вака не може да продолжи до недоглед. Сега ние треба да си поставиме прашање: Кој е следниот?
ФОКУС Дали се запрашавте, дека можеби и Вие сте биле следен?
АНГЕЛОВ Па, за мене уште пред повеќе од половина година го вклучија одделот за организиран криминал за наводни лажни боледувања, а тогаш министерката сама се истрча на телевизија и кажа дека ми се заканува казна затвор поголема од 5 години. Тоа го кажа, бидејќи, доколку се заканува казна поголема од 5 години, може да се користат специјални истражни мерки. Јас верувам дека од тогаш до денес ги користат тие мерки. Кај нас стана вообичаено, сите луѓе кои што се поважни да бидат снимани и следени, но мене тоа нема да ме исплаши!
Ден ДОНЧЕВ, Обединети за Македонија
ИМАШЕ МАСОВНА АКЦИЈА ЗА ПОТКУП НА ГЛАСАЧИТЕ!
ФОКУС Како го објаснувате фијаското на малите десничарски партии?
ДОНЧЕВ Јасно е дека најголемиот удар беше насочен кон очигледното селективно таргетирање на гласачи, членови и симпатизери на партиите од десницата. Би било коректно да кажам дека голем број од поддржувачите на ОМ се сепак од посиромашниот слој, а во деновите петок, сабота и недела, имаше масовна координирана акција за нудење на пари и поткуп на гласачите.
Ќе кажам и еден пример: Налетав на неколку луѓе кои доаѓаа на митинзи, на трибини на ОМ, кои се жалеа дека живеат без струја повеќе од една година. Во 21 век имаме луѓе кои живеат без струја!? Многу е лесно да се подмитуваат такви луѓе, иако не ги оправдувам. Кога се решени да ја рушат демократијата на таков најбрутален начин, тогаш станува јасно зошто резултатот на ОМ беше таков, каков што беше!
ФОКУС Вие имате повеќе членови од гласачи?
ДОНЧЕВ Ниту јас, ниту било кој разумен човек би можел да помисли дека Бошковски може да падне под 30.000 гласови. Би било апсурдно да се помисли дека такво нешто може да се случи. Така што станува збор за исклучително добро, софистицирано осмислен проект за кршење на демократијата!
ФОКУС Некогаш бевте со Никола Груевски и Влатко Ѓорчев во иста партија. Што се случи со нив, за да влезат во ваков филм?
ДОНЧЕВ Не, Никола Груевски и Влатко Ѓорчев што јас ги познавав од пред 7 години, не верувам дека имаат капацитет да го прават тоа што го направија. Тоа се очигледно сосема други луѓе од оние што јас ги познавав!
ФОКУС Затоа што една влада, која плаќаше кампања за етика, на ваков неморален начин да сака да ја задржи власта и да се радуваат на тоа, тоа е многу страшно за сите нас како граѓани?
ДОНЧЕВ Во суштина, тоа значи дека црно и се пишува на оваа држава, бидејќи очигледно е дека волјата на мнозинството би била поинаква од конечниот исход. Особено во сиромашна држава, во која една влада е подготвена да позајмува пари и со тоа да ја задолжува целата држава како никогаш до сега. Да ги поткупува гласачите со позајмени пари, иако ние едвај го држиме буџетот во живот, тоа е веќе трагично!
ФОКУС И, притоа, да апсиш друг за незаконско финансирање?
ДОНЧЕВ Тоа е парадокс и апсурд!
ФОКУС Љубе очигледно планираат да го држат во притвор, познавајќи ја менталната матрица на оваа власт. Ќе згасне ли партијата ОМ?
ДОНЧЕВ Не, никако нема да згасне, но сега сите енергии на партијата се насочени кон барањето правда. Немам никакви дилеми, дека во случајот на Бошкоски станува збор за класична местенка, сценарио на државата. Но, мислам дека сето тоа ќе излезе на виделина.
Ако тоа може да му се случи на Бошкоски, тоа навистина може да му се случи на секого. Се случуваат трагични настани, како случајот со Мартин, и ние сега како држава сме на еден крстопат. Оние вечни зборови на свештеното лице во Германија од времето на фашизмот:
Тргнаа по комунистите, а ние молчевме, потоа тргнаа по Евреите, ние пак молчевме, и кога дојдоа по нас – веќе не остана никој да го крене гласот. Моја најголема верба е дека Македонија ќе покаже капацитет. Не партиите, туку дека народот спонтано овој пат ќе излезе на улица и ќе каже: Доста беше со вакво однесување, владата е за народот, а не народот за владата!
ФОКУС Историјата покажува дека, како што некој доаѓа на власт, на таков начин и си заминува?
ДОНЧЕВ Но, историјата исто така покажува, штетите што се прават во меѓувреме, земаат генерации и децении за да се исчистат. Германија беше можеби прва или втора земја најразвиена во 1938 година, но и требаше 30 години повторно да се врати таму каде што беше, така што штети секој пат има, ама цената секогаш ја плаќа народот!