Маалските кодоши ги полнат партиските списоци

by Фокус

Текстот е објавен на 23-ти март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 873

Пишувала
Славица ДУЉАНОВА

Најчесто ваквите податоци се добиваат од месноста каде лицето живее, од партиските доушници или ,,маалските шпиони” и преку анкети. Без исклучоци секој е некаде прокнижен. Експертите велат дека податоците полесно се добиваат во руралните места, отколку во урбаните. Партиите, за разлика од претходните избори, сега работат поорганизирано, особено владеачката ВМРО-ДПМНЕ, која скоро во секој сокак има своја постава, а во игра се уцени и ветувања. Секоја партија поседува избирачки список, а податоците ги собираат партиските активисти.

– ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и членовите помагаат при правењето на анализите за гласачите – изјави кусо, без подробности,  Илија Димовски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, на прашањето на кој начин нивната партија ги прави анализите.

И во ДУИ велат дека податоците за гласачите ги добиваат преку партиските активисти.

– Преку директни контакти со граѓаните што ги имаат сите наши функционери од сите нивоа, но, се разбира, и преку анкети – одговори на истото прашање Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Истото прашање „Фокус” го упати  и до најголемата опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз.

– За испитување на пулсот на гласачите СДСМ најчесто се служи со анкети. Сепак, праксата од изминативе шест години, покажува дека поради стравот, притисоците и заканите, речиси е невозможно да се добие реална слика за расположението на гласањето преку анкети –  коментираат во СДСМ.

Иако е јавна тајна дека партиите си ги знаат своите приврзаници и сите подготвуваат списоци со гласачи, се наметнува прашањето како знаат за некого дали е нивни поддржувач, кога гласањето е тајно. Објаснувањето е дека ако на една улица, каде што вирее маалски живот, мештаните се познаваат меѓу себе, тие знаат и кои жители во маалото се вмровци, а кои сдсмовци.

Таков е случајот со партиските активисти, но што е со другите граѓани? Има граѓани кои воопшто не ги интересира политика. Ако, на пример, во едно семејство таткото е симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, а неговата сопруга и неговите деца се неопределени, како партијата дознава кој за кого гласал?

ПАРТИИТЕ ГИ КНИЖАТ ГЛАСАЧИТЕ КАКО НИВНА СОПСТВЕНОСТ

Комуникологот Петар Арсовски вели дека сите партии по службена должност имаат пристап до извадоци од Единствениот избирачки список во РМ, па, по таа логика, нормално е да имаат барем почетна основа за составување на сопствени, партиски, списоци за активности на терен. Според него, најчесто се работи за партиски сознанија, од активности на терен, информации од општинските и месните организации на партиите, како и од сопствена аналитика.

Во трката по гласови, ништо не е исклучено, затоа што сите кои гласаат за една или друга партија очекуваат некоја корист, дали подобрување на нивната лична состојба, или од друг вид, па најчесто не ја кријат својата определба. Меѓутоа, Арсовски констатира дека собирањето на податоците ја нарушува приватноста на личноста.

– Она што е импресивно е дека партијата има капацитет да состави, менаџира и да одржува списоци по кои работи на терен, што претставува еден голем и комплициран проект, особено ако претпоставиме дека вакви списоци постојат за поголемиот број општини во државата. Особено затоа што проектот не завршува со составувањето на списоците, туку по истите се планираат и локални акции, теренска партиска работа, таргетирање на гласачи и слично. Застрашувачкиот дел на проектот е, секако, сериозното нарушување на приватноста, дилемата како партијата дошла до сите тие податоци, како и стравот дека некој некаде ве води во каков и да е список, и по тоа ве „книжи” на една или друга страна, објаснува Арсовски.

Податоците на сличен начин се собираат и кај албанските партии. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека кај Албанците точно се знае кој за кого ќе гласа.

– Во маалото се знае која куќа за кого гласа. Во Скопје е покомплицирано, а и луѓето не се секогаш искрени, додека во помалите места сликата е многу појасна. Партиски активисти собираат сознанија од терен. Нивна задача е да ги идентификуваат гласачите. Има потенцијални гласачи и сигурни. Ако до16 часот не излезат потенцијалните гласачи, се мобилизираат сигурните гласачи. Ако се болни или постари лица, партиските активисти им помагаат да стигнат до гласачкото место, а потоа се вршат разни услуги за возврат – вели Муслиу.

Според него, не е спорно тоа што се прават списоци на партиски активисти, страшно е што такви списоци се прават и на работните места. Познавачите на состојбите велат дека ваквите податоци се дознаваат преку партиските доушници или „маалски шпиони”. Тоа значи дека партиските активисти куќа по куќа, стан по стан утврдуваат кој за кого ќе гласа и кој какви ставови има. Најчесто тоа се нашите први соседи или некој кого го познаваме.

Потоа овие податоци се бележат во избирачкиот список, така што партијата има евиденција за нашите ставови. Секако, колку личноста е подискретна, толку се помали шансите партиите да дојдат до овие информации.

Во урбаните  средини потешко се доаѓа до ваквите сознанија. Луѓето кои живеат во зградите често не се ни познаваат меѓу себе. Затоа се користат анкети, најчесто телефонски, кои ги прават партиски членови или за таа намена ангажирани агенции.

ВЛАСТА ГИ КОНТРОЛИРА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ

– Секоја посериозна партија прави анализи. Списоците не се новина. Лошо е што ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребува податоците, за да врши притисок со цел да се гласа за нив. Челните луѓе од партијата на власт, на пример, имаат список на сите вработени во администрацијата, а тие се околу 20 илјади. Секој од нив да донесе по 15 гласачи, ете го есапот – 60 илјади гласови само со помош на администрацијата – вели нашиот соговорник, кој сакаше да остане анонимен.

Според истиот извор, податоците се добиваат преку месните штабови. Лица со партиски обележја одат од куќа во куќа и ги анкетираат гласачите или, пак, истражувањето се  врши по пат на телефонска анкета. Некогаш анкетираните ја кажуваат вистината, но знаат и да излажат, а најчесто тоа го прават од страв. Некогаш и самите анкетари сакаат да забошотат, па сами си пишуваат на анкетните листови. Ова најчесто се случува кога партиите ангажираат агенции, објаснува нашиот соговорник. Затоа, често се случува анкетите да не ја покажуваат реалната слика.

За разлика од урбаните средини, во помалите места, каде што владее маалски живот и луѓето се познаваат меѓу себе, полесно може да се процени кој за кого ќе гласа. Гласовите полесно се бројат во руралните средини. Таков е примерот со селото Ростуше. Активист на ВМРО-ДПМНЕ морал да убеди 15 гласачи да гласаат за неговата партија, оти му ветиле дека ќе го вработат. Човекот одел од врата на врата за да собира гласови. Еве што за „Фокус” раскажа еден од мештаните.

– На последните парламентарни избори ме замоли да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Тој и неговата сопруга се невработени, а имаат и две деца за гледање. Ние сме мало место и си помагаме, па затоа и гласавме за владеачката партија. Откако му ветивме дека ќе го дадеме гласот за ВМРО-ДПМНЕ, од партијата се јавија да проверат дали е сигурен нашиот глас, а јас и мојата сопруга потврдивме. По изборите навистина човекот го вработија, во државна компанија во Дебар, така што нашиот глас се исплатеше. Овде партиите имаат целосна евиденција кој за кого ќе гласа – вели овој жител на селото, кој замоли да остане анонимен.

Партиите имаат и други методи. Во поново време актуелни се проверките на „Фејсбук”. Партиски активисти даваат инструкции на своите сопартијци сите да седат пред компјутерите и да шират вести значајни за партијата и да ставаат „лајкови” каде што треба.

Но, овие методи не се новина во светот – партиите наоѓаат разни начини да ги анимираат гласачите. Она што е најдискутабилно и незаконско е што власта се служи со уцени, а тоа се почесто се слуша.  Поранешната А1 телевизија пред изборите објави дека на вработени во администрацијата им било наложено да достават списоци со по 15 луѓе што ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Уште побизарна беше сторијата дека некои гласачи биле уценувани со бесплатно ин витро оплодување.

Сепак, обвинителството не најде доволно докази, па го затвори случајот, токму пред изборниот молк, на ланските парламентарни избори. И покрај тоа останаа сомнежите дека партиите прават списоци и дека уценуваат, но се чини дека никој нема желба ниту моќ оваа работа да ја расчисти или на неа да се спротистави!

Поврзани новости