Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во главниот град и во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 490 лица позитивни или суспектни на корона вирусот, како и дека има околу 750 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во Скопје, во изминатите 24 часа во ковид-центрите се хоспитализирани шест нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 204 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.
Во последното деноноќие, на Интерните клиники немало приеми. Во ковид-центарот во ГОБ 8 Септември имало два примени пациенти и четири биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 8 оздравени пациенти. Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 47 пациенти.
Како што информираат од Министерството за здравство, бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 180 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.