Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски веднаш по случувањата на 27 април го осуди насилството во Собранието и побара сите оние кои нападнале пратеници да бидат изведени пред суд. Денеска, откако за настаните на 27 април беа приведени и високи партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски повика на протест и побара ослободување на сите кои се осомничени за настаните во Собранието.
Изјавата на Груевски веднаш по насилствата во Собранието на 27 април:
-Сакам да го осудам насилството кое поедници го направија, напаѓајки и лично повредувајќи поголем број пратеници. Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал. Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците, да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците, на граѓаните и на полицајците.
Денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ:
-Бараме безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон што го прави СДС. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон. Овие лица не сториле никакво кривично дело, туку си ја сакаа татковината и се бореа против тиранската платформа чија цел е двојазичност и редефинирање на Македонија.