МЗ: Многу земји веќе воведоа здравствени сертификати

by fokus

Министерството за здравство соопшти дека во земјава досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијанта, што, според МЗ, ја прави вакцинацијата уште поважна.

„Мора да се вакцинираат што поголем број граѓани како би се избегнало повторно затворање, полициски час и слично. Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа“, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека не сме единствена земја која ќе воведе мерки, посочувајќи дека многу порестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот.

„Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија се сè уште неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите“, велат од ресорот на Венко Филипче.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска реагираше дека пакетот на мерки против ковид е задоцнет и неефикасен.

„Сега Заев и Филипче се занимаваат со последиците од короната, а причините за ова денес е целосното игнорирање на проблемот и ненавремената имунизација. Трката по провизии, наместо трка по вакцини придонесе Македонија денес да собори уште еден неславен рекорд а тоа е на врвот на листата на заразени“, соопштија од ДПМНЕ.

Поврзани новости