Сомнежите за злоупотреби во невладините организација кои соработувале со Фондацијата Отворено општество, биле неосновани, потврди денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Дваесетина невладини организации минатата година беа под силен притисок на Управата за јавни приходи и Финансова полиција откако поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, побара десоросоизација на општеството.
Според Спасовски по извршените проверки во невладините организации, доставени се известувања до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во кои е наведено дека сомнежите се неосновани, а врз основа на прибавените информации е констатирано дека нема основи за понатамошна истрага.
„Врз основа на тоа, истражните органи до јавното обвинителство доставија предлог за затворање на истрагата“, велат од МВР.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска оствари средба со претставници на дваесетина невладини организации кои во текот на минатата година беа предмет на истрага покрената на барање на Државната комисија за спречување на корупцијата.
На средбата на која присуствуваа и директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски, директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, претставниците на граѓанските организации беа информирани дека не се потврдени сомнежите односно не се обезбедени докази за субјектите кои се предмет на криминалистичката обработка.