Министерството за внатрешни работи во сопштение се огласи за инцидентот што вчеравечер се случуваше на аеродромот „Александар Велики” во Скопје.
Авионот на „Туркиш Ерлајнс” со кој претседателот Ѓорѓе Иванов вчеравер требаше да полета од Скопје за Мадагасткар, два пати бил вратен пред полетување.
Првиот пат авионот не полетал поради непријавениот телефон кај еден од патниците, по што претседателот Иванов и неговата делегација решиле да не летаат. Откако биле направени вонредни безбедносни проверки и истоварен багажот на придружбата на Иванов, авионот тргнал на повторно полетување, но по претседателот се испишманиле уште седум патници и побарале да слезат.
Авионот Ербас А320 на „Туркиш Ерлајнс“ на крајот со повеќе од два часа задоцнување слета во Истанбул во 1:50 по локално време, но без претседателот.
Иванов остана во Скопје и го пропушти летот од Истанбул за Антананариво, каде викендов ќе се одржи Самит на Франкофонијата, а Иванов требаше да биде еден од учесниците.