МВР: Прободен со нож е и братот на убиеното момче на Матка

by fokus

Осумнаесетгодишникот кој вчера со нож уби 17-годишното момче на Матка, го ранил и неговиот брат, соопшти денеска полицијата.

Полицијата информира дека вчера околу 15 часот на улицата „1“ пред браната Долна Матка и раскрсницата со споредниот пат кој води на долниот паркинг настанала меѓусебна расправија помеѓу лицата А.Е. (18), Џ.С. (18) и уште едно лице на возраст од 16 години сите од селото Шишево, од една страна и од друга страна 16-годишен малолетник од селото Сарај, Скопско, по што тој бил физички нападнат.

Според полицијата, за кратко време со скутер дошол неговиот брат кој бил на иста возраст и тогаш настанала меѓусебна тепачка. Во еден момент А.Е. извадил нож со кој замавнал и го повредил малолетникот нанесувајќи му посекотина во пределот на левата страна на градите. Потоа А.Е. со ножот го пробол и неговиот брат, кој претходно дошол со скутер, во пределот на десната страна на градниот кош, при што тој паднал на асфалтот и починал.

Екипа на Итна помош констатирала смрт. Увид на местото на настанот извршиле ЈО и увидна екипа од СВР-Скопје. По наредба на ЈО, телото на починатиот е пренесено во Институтот за судска медицина за обдукција. Во Полициската станица Ѓорче Петров приведен е Е.А. за понатамошна постапка. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

Поврзани новости