МВР: Не деградираме специјалци, распоредувањето на вработените е според закон

by fokus

Министерството за внатрешни работи тврди дека се неточни и ги оцени како крајно манипулативни обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека без причина се деградираат припадници на специјални единици и обучени професионалци, со тоа што, како што тврди опозициската партија, им се делат решенија за пониски работни места и позиции.

– По денешната прес-конференција на политичка партија, на којашто беа изнесени целосно неточни и тенденциозни наводи околу наводно „деградирање и шиканирање“ на припадници на Единицата за специјални задачи при што сето тоа било правено без „никаков респект и причина“, МВР мора уште еднаш, во интерес на граѓаните и на вистината, категорично да ги отфрли ваквите неточни, а крајно манипулативни наводи, се наведува во реакцијата на МВР.

Од Министерството посочуваат дека е завршено времето на партиско-политичките или кои било други „интересни“ критериуми за професионално работење и напредување во организациските структури на македонската полиција.

– Како и во сите други организациони единици при МВР,  така и во ЕСЗ тековно и врз основа на потребите и проценките за извршување на работните задачи од надлежност на Министерството, се спроведува распоредување на вработени, а сето тоа строго согласно постапката утврдена во Законот за внатрешни работи и другите позитивни подзаконски акти и правилници, стои во соопштението од МВР.

Поврзани новости