МВР му дало опрема на бизнисменот Николов да го снима Заев

by Fokus

Бизнисменот Иван Николов денеска сведочеше во Кривичниот суд, при што истакна дека премиерот Зоран Заев во 2013 година му побарал мито за откуп на државно земјиште.

-Беше Митровден кога ми се јави и ме праша дали може да одам за 15 минути во неговиот кабинет. Јас бев со гости, ама отидов. Ме чекаше и ми рече дека може да го откупам земјиштето за 70 денари од квадрат и тоа важеше до Нова Година. Ми постави услов да дадам плус по 3 евра од квадрат. Ми рече едно е за него, едно за изградба на црквата и едно за партијата. Му кажав дека тоа се многу пари, 300.000 евра зошто земјиштето беше 100.000 квадратни метри. На бирото имаше куп документи и ми рече и овие завршија така. Бев збунет и му реков дека треба да размислам, рече сведокот.

Тој додаде дека кога го прашал Заев како да ги уплати парите и му побарал за црквата да му даде сметка, Заев наводно рекол парите да ги однесе кај брат му Вицето.

Николов појасни дека со Заев се сретнал неколку пати во неговиот кабинет. На една од средбите му предложил наместо пари да даде градежен материјал за црквата, но Заев наводно му рекол: Не може!

Тој истакна дека кога зборувале по телефон, Заев не му барал поткуп, туку на личните средби во кабинетот.

Сведокот, сепак истакна дека тој успеал да откупи 7.000 квадрати од земјиштето, кои биле на една парцела, но се уште не добил решение бидејќи прпцедурата заглавила кај нотарката, која му објаснила дека сите потребни документи се одземени од обвинителството.

В.В.

Поврзани новости