МВР и понатаму го бара Груевски во земјава, меѓународна потерница се уште не е распишана

by fokus

Се побројни се шпекулациите дека осудениот пратеник Никола Груевски, веќе неколку дена не се наоѓа во Македонија, туку дека ги преминал границите. Дел од шпекулациите се дека Груевски го фатил патот кон Унгарија каде заштита би му дала унгарската Влада, а дел пак дека пребегал во Турција каде помина едно лето со своето семејство, на покана на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Веќе втор ден полицијата трага по Груевски со национална потерница и го бара во земјава, а јавноста прашува зошто не е распишана и меѓународна потерница. Тоа остава простор за да се верува дека полицијата се уште нема информации дека Груевски ја напуштил земјата. Законот пропишува дека меѓународна потерница се распишува само ако постои таква веројатност.

„Ако е веројатно дека лицето по кое е издадена потерница се наоѓа во странство, Министерството за внатрешни работи може да распише и меѓународна потерница по претходно добиена изјава од органот што ја издал наредбата за распишување на потерница дека во случај на пронаоѓање на тоа лице ќе се побара екстрадиција“, стои во членот 356 од Законот за кривична постапка.

Но МВР и судот различно ја толкуваат одредбата. Од Министерството за внатрешни работи велат дека судот треба да побара распишување на меѓународна потерница, за Груевски да се бара и со помош на Интерпол. Од судот, пак, велат дека МВР треба да ги извести дека лицето по кое се трага најверојатно ја напуштило земјата.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовси, утринава ја префрли одговорноста кај судот неможејќи да го лоцира Груевски. Како што рече минисерот вината е кај судот затоа што навреме не определил мерка притвор.

За потсетување Специјалното јавно обвинителство побара притвор за Груевски на 29-ти јуни 2017 година, или еден месец откако на власт дојде владејачката СДСМ. Судот го отфрли барањето за притвор и одреди мерка на претпазливост, Груевски еднаш во неделата задолжително да се јавува во судот, а на 23 јули Апелација ја потврди оваа одлука.

М.В.

Поврзани новости