Министерството за внатрешни работи попладнево излезе со официјално соопштение за синоќешната престрелка во Скопје, во која беше тешко повреден 46 годишниот Даниел Трајковски.
Сепак, во соопштението освен што е опишана сообраќајката на Партизанска и е потврдена повредата на Трајковски, нема детали мотивот и учесниците во вооружената пресметка.
-На 15 ноември 2016 година во 00.01 часот во ЕИК Скопје (Единицата за информации и команда н.з.) од Ургентен центар Скопје било пријавено дека кај нив било донесено повредено лицето Д.Т. (45) од Скопје. Истиот на 14 ноември 2016 година во 23.35 часот на крстосноцата од булеварот Партизански одреди, улицата Бледски Договор и улицата Париска, управувајќи патничко моторно возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во бетонска жардињера на средишниот дел од коловозот од булеварот Партизански одреди, по што возилото се превртело на покривот. Од сообраќајната незгода Д.Т. не се здобил со повреди, но кај истиот биле констатирани тешки телесни повреди од огнено оружје во пределот на стомакот, градниот кош и на раката и е неконтактибилен. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот- стои во дневниот билтен на МВР.
Од полицијата велат оти синоќа не било пријавено пукање и дека се утврдува каде и кога се случило пукањето и кој стрелал во повредениот.
Дејан Трајковски пак, познат како близнакот од скопската населба Ѓорче Петров, уште лани во април во полиција пријавил дека имало обид за негово убиство, а подоцна реагираше и обвини дека МВР не презема ништо во врска со случајот.
Синоќешниот инцидент, медиумите неофицијално го поврзуваат со тепачката од април годинава во угостителски објект во Трговскиот центар „Буњаковец“, во која со штравцигер во главата беше прободено едно лице, според неофицијални информации, телохранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Во тепачката наводно учествувал еден од „близнаците од Ѓорче“.