„МУЗЕЈ“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА: Обвинетите побараа укинување на пресудата

by Фокус

Апелациониот суд Скопје, наскоро ќе решава во случајот „Музеј’ во кој седуммина обвинети, најголемиот дел вработени во Музејот на Македонија, беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни од една година до осум години и осум месеци.

Дел од обвинетите се осудени за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија, поради кое дошло до одземање/кражба на 162 археолошки предмети од непознати лица. Дел, пак, се осудени дека како  членови на  Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за  противзаконски откуп на монети.

Пред неколку денови, на јавна седница во петчлен совет на чело со судијката Лилјана Ивановска-Шопова, Апелациониот суд ги разгледуваше жалбите поднесени на првостепената пресуда за случајот „Музеј“, а наскоро треба да биде донесена пресудата.

Како што пишува порталот Академик.мк во своите излагања адвокатите укажале на голем број пропусти и грешки во текот на постапката. Пресудата ја оценија како неразбирлива, посочувајќи дека не се изнесени причините за решителните факти и дека е прекршено начелото на барање на вистината.

Според адвокатите, пресудата е препис на обвинението, без притоа да се земат предвид доказите според кои, како што посочија, се докажало дека се работи за невини лица. Тие на советот му укажаа дека сите сведоци на обвинителството, всушност ги поткрепиле наводите на одбраната со што се фрла сомнеж врз непристрасноста на судот.

„Судот не ги ценел со еднакво внимание доказите на одбраната и обвинителството. Повеќе од очигледна е сервилноста на судот“, истакнаа тие.

 

Поврзани новости