Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, истакна дека денес пет часа во Собранието премиерот Зоран Заев се занимавал со, како што рече, византиски игри наместо со проблемите на граѓаните.
-Бевме сведоци на четири пет часовни византиски игри и на крајот премиерот Заев докажа дека го има мнозинството коешто го има од месец август. Гледаме сега некој триумфализам. За мене искрено да ви кажам триумфализам ќе беше денес премиерот да дојдеше пред пратениците и да кажеше дека се обезбедени 100.000 вакцини, да дојдеше да кажеше дека има нов пакет на економски мерки кои што ќе спасат работни места, коишто ќе спасат компании на раб на ликвидност – истакна Муцунски на Сител.
Во однос на пописот, тој посочи дека се уште време и можност да се одложи за некој период, кога ќе се подобри епидемиолошката состојба.
-Не можеме да го оспориме фактот дека одредени дејствија почнаа да течат тоа е еден метод на електронско попишување на дијаспората, но теренското попишување на резидентното население се уште не е почнато. Што значи дека ние се уште сметаме дека постои време и простор пописот јас би рекол да се одложи. Тоа е легитимната и реалната теза во моментов. Во момент кога имаме очигледен трет бран на оваа пандемија во момент кога Македонија нема доволно вакцини за своите здравствени работници дали е нормално повеќе од 25 илјади луѓе да одат на терен ширум домовите во Македонија и потенцијално да бидат тие кои што уште повеќе ќе ја прошируваат оваа пандемија – нагласи Муцунски.