Oтворањето бугарски здруженија во Македонија со имиња како „Цар Борис Трети“ или „Ванчо Михајлов“ е провокација и е во интерес на хибридни стратези, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу в „360 Степени“. Според него, нивната цел е да го забават зачленувањето на земјава во Европската Унија.
-Во целиот процес во изминативе 10-12 години јасна и видлива беше интенцијата на трети актери да го успорат процесот на зачленување на Македонија, Црна Гора и други држави во НАТО, исто како и во делот на Европската Унија. Конктретно, околу бугарските здруженија, јас можам да кажам дека ова го третирам од аспект на провокација и е во интерес на хибридни стратези кои се уште не се откажуваат да го попречат или да го успорат нашиот пат, на Република Северна Македонија, да се зачлени во Европската Унија – рече тој.
Според него, дел од хибридното делување е остварувањето на политичко влијание во одредена зона, а, како што истакнува, не е тајна дека голем дел од македонски експоненти во изминатиот период имаат контакти со Москва.
-Дел од хибридното делување е да се остварува и политичко влијание во одредена зона. Значи, да се влијае во политички партии, дали во креирањето на мислењето на граѓаните – тоа е еден дел од алатката. Меѓутоа, сепак, политичкото организирање во нашата држава е уставно право на секого, но од позиција на директор на Агенција за разузнавање треба да потенцирам дека членството во политичка партија никому не му овозможува чадор за имунитет. Контактите со странски разнузнавачки служби, работењето во интерес на странски хибридни стратегии, контакти со терористички организации, со наркокарели, никого не прават недопирлив, ниту за законот ниту пак како таргет на Агенцијата за разузнавање – рече Муслиу.