Муслиманите и христијаните во Кавадарци живеат едни со други, а не едни покрај други!

by fokus

Долга е традицијата во Кавадарци на верски соживот и взаемно почитување помеѓу муслиманите и христијаните. За жителите на градот, без разлика на нивната верска и етничка припадност, често се кажува дека секогаш знаеле да живеат едни со други, а не само едни покрај други.

Уште еден доказ за соживотот е и тоа што Општина Кавадарци одвои 2.600.000 денари за изградба на капела на муслиманските гробишта, а нејзината изградба е веќе во завршна фаза. Станува збор за објект со над 100 кавадратни метри, на две нивоа, каде муслиманите ќе можат да ги извршуваат своите верски обреди.

-Изградбата на капелата е при крај, и морам да го спомнам соживотот помеѓу припадниците од различна вероисповед кој во овој крај владее. Градот Кавадарци е светол пример за соживот во земјава!
Уште кога Исламската верска заедница достави барање до градоначалникот Митко Јанчев и Совет на Општина Кавадарци, за изградба на капелата, без двоумење, уште веднаш едногласно беше решено тоа да се случи. Ваков објект веќе има во Тетово, еве и нашиот за кратко ќе биде пуштен во употреба, да кажеме само, што е можно помалку да го употребуваме – изјави Амет Фазлиов, претседател на џамискиот одбор.

Во Кавадарци живеат околу 1.400 муслимани, кои претежно се Турци и Роми. За тоа дека секогаш имало обединетост, соживот, и се надминати сите предрасуди, зборува и фактот што не се случиле конфликти на верска, ниту пак на национална основа, а граѓаните живеат обединети, во меѓусебна почит. Токму прифаќањето на различностите и еднаквите права за сите, се нешто на кое кавадарчани се горди.

-Гледаме да удоволиме во секој дел, на сите наши луѓе, без оглед дали се работи за христијани или муслимани, оти сите се тие наши рамноправни граѓани. Потребата за изградбата на капелата беше неминовна, како од хигиенски, така и од низа на други причини, ова е дел од секојдневниот живот, и општината мораше да го реализира овој проект. Имаме добра соработка со претседателот Фазлиов, и што е најважно, соживотот во градот секогаш бил нешто на кое сите ние сме горди – изјави градоначалникот Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости