Инспекцијата утврдила низа законски прекршувањата од страна на Центарот за социјална работа во случајот со 13-годишната штитеничка во домот „25 Мај“ и за тоа се подготвуваат кривични и прекршочни пријави за одговорните лица, информираа од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Од Министерството соопштија дека по вонредниот инспекциски надзор во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, биле констатирани низа прекршувања на законите за социјална заштита и за семејството како и други подзаконски акти.
„Во периодот додека Р.И. била згрижена во згрижувачко семејство и во постапката за водење старателство врз малолетното лице, констатирано е дека старателите биле често менувани и притоа отсуствувале клучните елементи од старателската функција. При поставувањето на старател, Центарот не изготвувал наод и мислење на стручен работник, наод и мислење на стручен тим и лист за следење за работа со корисникот. Од извештајот на старателот кој непосредно ја вршел старателската должност, не може да се види неговата грижа за лицето ставено под старателство, а особено за неговото здравје, издржувањето и оспособувањето за самостоен живот, за негово воспитание и образование, како и за сѐ друго што е од значење за лицето ставено под старателство“, посочуваат од МТСП.
Од Министерството информираат дека Центарот повеќе пати дал согласност за престој на малолетничката кај нејзините родители и покрај тоа што нив им било одземено родителското право врз три малолетни деца, а за време на престојот на родителите документирано било дека таа повторно била присилена на питачење.
„По информациите добиени од Р.И. во октомври 2016 година дека во текот на летото имала полов однос со одредено лице, назначениот старател не повел постапка за утврдување на фактите, ниту пријавил до Министерството за внатрешни работи. По промената на координаторот на предметот во јули 2017 година, утврдено е дека тој ги преземал сите потребни мерки. До МВР се доставуваат редовни пријави, а кога се појавиле индиции дека Р.И. е можна жртва на трговија со луѓе, таа е привремено сместена во шелтер центар и со неа разговарале инспектори од Одделот за организиран криминал и жртви на трговија со луѓе. И покрај овие интервенции изостанала реакција од ОЈО“, додаваат од МТСП.