Адвокатите на Канческа-Милевска велат дека бомбите немаат значење за нив

by Fokus

Бомбите немаат никакво значење за нас, воошто не ни сметаат – изјавија адвокатите на обвинетите во предметот Тендер, каде првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска по новинарско прашање, дали нивните клиенти ги преслушале аудио-снимките во СЈО.

На денешното рочиште во Кривичниот суд беше речено дека станува збор за пет прислушувани разговори, но и покрај тоа одбраната бара СЈО да им ги предаде во цд формат.

На денешната расправа адвокатот Сашко Дуковски го обвини Специјалното јавно обвинителство дека постапува незаконски во случајот Тендер. Дуковски ова го изнесе на расправата на која побара да биде отфрлено вештачењето од седумстотини страни за изградбата на Музеј на вмро, за што три лица се товарат за злоупотреба на службената положба.

Како што рече Дуковски, во времето кога вештаците побарале нов увид во документацијата, за да ги потврдат наводите од вештачењето, нивната лиценца била истечена.

Забелешката на Дуковски се однесуваше и на тоа што СЈО не дозволува да се репродуцираат аудио материјалите, како што бара одбраната, туку им дозволува во секое време да ги преслушуваат во рамките на обвинителството.

„Ваквото однесување на СЈО е сосема незаконско и спротивно на начелото на еднаквост на оружјето. Постапувањто на СЈО е обид да се озакони незаконско постапување  – рече тој.

Обвинителот Стефчо Донев рече дека навредите на Дуковски се негово лично мислење, а не мислење на останатите присутни во судската сала. Според него со дополнителниот увид на вештакот во документацијата, само се потврдиле неговите претходни наводи. Тој додаде дека во истрагата нема нови моменти.

За разлика од тоа пак, бранителите тврдат дека по завршување на истрагата не смеат истражните дејствија да продолжат, а вештачењето го оспоруваат затоа што откако странките се известени за завршување на истрагата, вештакот побарал дополнителен увид во документацијата.


Овој приговор одбраната го поднела и при оценка на обвинителниот акт, но како што кажаа од СЈО советот за оценка го отфрлил приговорот. Судењето продолжува на 13 март, кога судот треба да се произнесе дали ќе биде отфрлен круцијалниот доказ во постапката.


М.В.

 

Поврзани новости