Меѓународната заедница лани во септември подготвила писмо со кое се повикуваат меѓународни експертски набљудувачи во Македонија кои би ги следеле постапките на Специјалното јавно обвинителство и постапките пред судовите. Писмото кое било договорено во меѓупартиските работните групи и за него се разговарало и на лидерската средба во октомври, никогаш не беше потпишано и оттогаш никој повеќе не го споменал, ниту го покажал таквото писмо. Од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и тоа насловено како „писмо за намери“ во кое меѓудругото се наведува дека „потсетувајќи и потврдувајќи ја усната заложба, од 15 септември 2015, а дадена во текот на состаноците на работните групи, со цел да се воспостави Јавен обвинител кој ќе ги истражува и гони наводите во однос на преслушкуваните разговори, долупотпишаното писмо се однесува и на овозможување, мониторинг врз активностите на СЈО од меѓународни експертски набљудувачи, со цел да се обезбеди транспарентност “.
Претставниците на политичките партии во ова писмо уште се обврзале дека „на меѓународните експертски набљудувачи, ќе им биде овозможен пристап до сите процедурални фази, вклучувајќи ги и истражните активности“, како и тоа дека „меѓународните набљудувачи, можат да го насочат вниманието кон нивните набљудувачки активности, доколку забележат сериозни прекршувања на процесното право, како што е предвидено во домашното право и со меѓународните обврски“.
Од МЦЕО велат дека доколку ова писмо било потпишано меѓународните експертски набљудувачи ќе беа присутни во сите фази од постапката, вклучувајќи ги и распитите кога Судот одлучува за барањата за притвор на високи функционери од владејачката партија, со што ќе имало и поголема транспарентност. Од МЦЕО оценуваат дека присуството на меѓународните набљудувачи на овој процес би придонело и за ослободување на државата и повторно воведување на демократија и владеење на право.
И покрај инсистирањето на СДСМ, на крајот превагнал ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се согласиле и странските фактори, дека и со џентлеменски договор би го усогласиле овој договор кој сепак би се официјализирал преку писмо испратено од страна на МНР, во кое би ги повикале ОБСЕ и другите странски фактори слободно да се вклучат во процесот на мониторирање.