Од Македонската православна црква не ги коментираат информациите дека Владиката Петар бил уапсен во Мелбурн во рамки на истрага за кражба и лажно сведочење.
Од таму велат дека не слушнале ништо за ваков настан, бидејќи владиците биле на летен одмор.
„Нам не ни е познат овој настан. Едно е да се биде повикан на разгoвор, како што вели Владиката Петар, а друго се обвинувањата. Треба да го почитуваме златното правило за презумпција на невиност, не е виновен се додека не се докаже дека е виновен. Ние немаме официјални информации за тоа што навистина се случило. Јас не сум ги побарал, а не можам ниту да ви кажам дали некој друг од Синодот ги побарал оти сме на нешто како летен одмор“, вели отец Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ.
Во зависност од тоа дали и какво дело ќе се докаже, МПЦ ќе ја одредува и евентуалната казна за владиката Петар.
Инаку, веста за апсењето на владиката Петар ја потврдија од австралиската полиција од каде велат дека минатата недела бил уапсен и испрашан во рамки на истрага за кражба и лажно сведочење. По испрашувањето бил ослободен и се чека продолжување на истрагата.
Владиката Петар пак, ја демантираше веста за неговото апсење, обвинувајќи дека тоа е лага зад која стојат струмичкиот владика Наум и игуменот Гаврил, против кои се води постапка за расчинување, и вели оти бил свикан само на информативен разговор.