Комисијата за надворешни работи при Либералната партија го покрена прашањето замакедонското чествување на еден од најголемите македонски празници во манастирот Св. Прохор Пчински кој се наоѓа на територијата на Република Србија.
Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 Август 1944 година токму во овој манастир, и овој ден се смета за еден од најзначајните денови во македонската историја, поставување на темелите на македонската државност.
„Новоизграденото спомен-обележје во Пелинце не може и не смее да биде едноставна замена на светото место во кое се удрија темелите на македонската држава. Владата на Македонија е потребно во континуитет да се залага за непречено одбележување на Илинден во манастирот за наши високи државни и партиски делегации како и граѓани и граѓански здруженија. Убедени сме дека со заедничките активности на владите на двете соседски земји може да се изнајдат форми за празнувањето на нашиот празник во Свети Прохор Пчински. Со вакви заеднички решенија двете држави ќе отворат нова позитивна страница во односите и соработката како пример и за засилување на дијалогот меѓу МПЦ И СПЦ.
Впрочем, во последните неколку години Македонија беше домаќин на владини делегации од Србија во повеќе наврати за одбележување на нивни празници на територијата на Македонија.
Јавноста е должна да дознае каков е статусот на нашето празнување во манастирот Св. Прохор Пчински и зошто оваа година немаше претставници во овој свет храм за поновата македонска историја“, соопштува Комисијата за надворешни работи на Либералната партија на Македонија.