Пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
Има едно прашање што повеќе од 40 години се движи околу мене и јас околу него и никако да се реши. Тоа прашање има различни називи, но два постојани субјекти: Косово и Србија. Утре во мојот роден град Охрид ќе се случи една средба, на која се очекува тоа прашање и да започне да се разрешува. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер,Албин Курти, преговараат за конечно разрешување на најгорливиот балкански проблем.
Суштински за мене тоа прашање се отвори на 11 март 1981 година. Тогаш во Приштина започнаа големи студентски демонстрации и рефлексијата на нив доведе до тоа првпат во животот на јавно место да видам полицаец со автоматска пушка и со необични фигури од полициска коњаница, што веднаш укажуваше на комплицирање на ситуацијата. Продолжи во 1987 година со случувањата во Трепча („Трепча ради, Белград се гради“) и со осмата седница на Српската партија, која ги закомплицира работите до крај, а кулминацијата се случи на Газиместан во 1989 година.
Бидејќи јас во тоа време бев претседател на Младинската и на Студентската организација, а Косово и Србија беа нејзини членови, се најдов во вртлогот на случувањата. Но мојата врска со тој проблем не заврши тука. Бизнисот и учеството во регионалните бизнис-организации беа врската со тој проблем и во наредните години. Во 2015 година претседателот на српската и на косовската Комора, заедно со мене, беа основачи на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), чиј почеток беше договорен во истите државни резиденции каде што утре ќе се одржат преговорите, но пристапот беше поинаков.
Првите преговори меѓу Србија и Косово започнаа во Брисел меѓу Марко Чадеж, претседателот на српската Комора, и Сафет Ѓерѓалиу, претседателот на косовската Комора. Оттогаш до денес тоа прашање е доминантно во работата на КИФ, иако го продолжија политичките елити, а ние го презедовме делот за рушење на пречките во бизнисот, на што работиме и денес.
Зошто е ова важно? Според мене, бидејќи само бизнисот е единствениот кохезиски фактор на Балканот и бидејќи, доколку се разреши ова прашање во наредниот период, ќе отвори голем простор за економски напредок на сиот Западен Балкан. Ние, како лидери на најголемите бизнис-асоцијации, имаме историска одговорност преку развој на бизнисот да помогнеме во сиот процес и на тој начин да донесеме придобивкикако за компаниите така и за граѓаните.
Македонската Стопанска комора имаше огромно значење во досегашниот период на воспоставување, поддржување и на развивање на бизнис-дијалоготмеѓу Косово и Србија. Марко Чадеж, претседателот на српската Комора, ќе напише дека почетната недоверба во прилично смелата идеја „Еден регион – една економија“, изразена преку коморскотозаедништво во регионот, денес е уважувана како од бизнисмените и од политичарите од регионот така и од Брисел и од Вашингтон, со што е кажано сѐ.
И така,српско-косовското прашање до денес е дел од мојот живот. Најискрено сакам тој проблем да се реши утре во Охрид, меѓутоа моето искуство зборува дека се можни секакви сценарија, но нашето коморско сценарио е едно – упорност, упорност и само упорност; да се истрае во решавањето на проблемите кои го кочат бизнисот – друго решение не постои.
П.С. Ние во КИФ се чувствуваме како дел од овој процес, кој треба да отвори нови перспективи, па затоа ги повикуваме сите чинители, секој колку може да придонесе во овој процес, кој е од добробит за сите нас. Секој паметен човек ќе рече„ама поминаа 40 години, дадовме многу жртви кои не се враќаат“. Токму затоа примерот што го опишав нека биде поука. Факторот време е битна компонента во сѐ, а најмногу во бизнисот.