Граѓанската асоцијација МОСТ денеска одржа прес конференција на која ги презентираше заклучоците од досегашното набљудување на предизборниот период во рамките на проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“.
-Теренската проверка на Избирачкиот список не беше спроведена транспарентно. Иако ДИК на последните седници усвојуваше збирни извештаи за спроведување на теренската и административната проверка, тие извештаи не беа објавени на нејзината веб-страница. Истото важи и за конечниот извештај од теренската проверка усвоен на 26 април – и тој се уште не е објавен на веб-страницата на ДИК. Јавноста не смее да биде информирана, а со тоа и да носи заклучоци за овие процеси врз основа на поединечни изјави на членовите на ДИК. Покрај нетранспарентноста на теренската проверка, МОСТ забележа и укажа на повеќе недоследности во нејзиното спроведување, велат од МОСТ.
Освен ова, МОСТ забележува и дека имало повреда на Законот за Влада и Изборниот законик, како и дописи од МВР и Министерството за информатичко општество и администрација до ДИК без согласност од министерот или од дополнителниот заменик министер.
-Со оглед на сите овие недоследности и прекршувања на кои МОСТ укажува веќе подолг временски период, а кои се игнорирани од мнозинството кое одлучува во ДИК и од останатите надлежни институции, со жалење може да констатираме дека Владата на Република Македонија и останатите институции не успеаја да обезбедат услови за одржување на фер и кредибилни избори на 5 јуни, заклучува МОСТ.