МОСТ со поддршка на новиот претседател и осуда на насилството во Собранието

by fokus 15:27
15:27

МОСТ го поздравува изборот на новиот претседател на Собранието во текот на вчерашното 20-то продолжение на конститутивната седница и вели дека мнозинството во Собранието има потполно право да овозможи негово нормално функционирање преку завршување на конститутивната седница, односно избор на сите собраниски тела, вклучувајќи и претседател и потпретседатели на Собранието.

МОСТ најостро го осудува нападот врз дел од пратениците од мнозинството.

- Advertisements -

„Слабата, неефикасна и ненавремена реакција на полицијата која овозможи граѓаните да влезат во Собранието е скандалозна и недозволива. Според Уставот на РМ, Собранието е највисокиот орган во државата, а пратениците се директни претставници на граѓаните. Оттаму, нападот врз Собранието, пратениците и новинарите е истовремено и напад врз демократијата во Република Македонија. Ваков чин не смее да се случи во едно демократско општество и претставува вршење на повеќе кривични дела, а за најтешкото од нив е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотно“ вели МОСТ.

Од таму апелираат до граѓаните да бидат сталожени, внимателно и со резерва да ги земаат сите информации кои се објавуваат во медиумите и јавноста, да не подлегнуваат на никакви провокации и да не го попречуваат нормалното функционирање на институциите на системот.  МОСТ апелира до Министерството за внатрешни работи и до Јавното обвинителство да покренат истраги за вчерашниот настан, а МВР да ги зајакне безбедносните мерки и да овозможи услови за нормално функционирање на сите државни институции.

„Во досегашната историја Република Македонија имаше 3 смени на власта, во 1998, 2002 и 2006 година. Сите овие промени се одвиваа мирно, без никакви проблеми и во согласност со Уставот и законите. МОСТ ќе продолжи да ја набљудува работата на Собранието во делот на исполнување на неговите уставни и законски надлежности“, се наведува во соопштението.

Поврзани новости