Да се воведе изборен модел со отворени листи, да се ревидира гласањето во странство, да се преиспита начинот на предлагање на членови на Државната изборна комисија, да се изврши детална теренска проверка на избирачкиот список – ова се дел од препораките што ги предлага граѓанската асоцијација МОСТ, од каде, како набљудувачи на изборниот процес, сметаат дека преговорите за реформа на изборниот процес мора да ги земат предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите.
– Препораките кои ги содржи овој документ се однесуваат само на најважните аспекти од изборниот процес, како што се изборниот систем, гласањето во странство, Државната изборна комисија, Избирачкиот список, изборната кампања и нејзиното финансирање и заштитата на избирачкото право. Тие не претставуваат замена за препораките кои се содржани во извештаите на МОСТ за досегашните избори, туку треба да се читаат комплементарно со нив. Дел од нив се предмет на преговорите помеѓу политичките партии, а дел од нив претставуваат долгогодишни заложби на МОСТ за кои политичките партии треба да постигнат консензус – рече извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов.