Од 970 извештаи добиени од 80 набљудувачи во сите општини, за периодот од одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари па се до 3 април, може да се забележи дека за период од 1 и пол месец има многу повеќе регистрирани случаи на прекршувања, отколку за претходниот период од 2 и пол месеци, односно од почетокот на спроведувањето на проектот, 1 декември 2015, до одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари.
Зачестени се случаите на подготвување на списоци на потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ во администрацијата, при што е зголемен и бројот на гласачи кои треба да бидат доставени, од 3 на најмногу 10. Ваквата појава е најмногу присутна во образовните институции, но исто така има регистрирани случаи и во јавни претпријатија, па дури и во приватниот сектор. Во овој период ваквата појава е забележана во 15 општини, додека пак во 18 општини е забележан притисок врз вработените во администрацијата да посетуваат партиски настани на владејачката партија.
ПРИТИСОЦИ ВО ЈАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Овие притисоци се сеопфатни и се вршат врз лица кои се вработени во јавните институции, лица кои допрва треба да се вработат, како и врз лица на кои треба да им се трансформира работниот однос, односно да добијат постојано вработување. Притисоците се вршат во разни форми, како на пример закани за преместување на работна позиција во друга општина, изрекување на дисциплински мерки или отказ.
Апелираме до сите вработени во јавниот и приватниот сектор да не вршат, ниту пак да подлегнуваат на вакви притисоци кои претставуваат повреда на слободата на определување на избирачите и се казниви согласно член 160 од Кривичниот законик кој гласи: Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор од најмалку 3 години. Ако делото го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
Потенцираме дека правото на работа е загарантирано со Уставот и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Вработените во администрацијата го имаат истото уставно загарантирано избирачко право како и сите останати граѓани на Република Македонија.
Ги охрабруваме граѓаните да ги пријават сите притисоци, заплашувања или закани на бесплатната телефонска линија на МОСТ, 080 080 080.
Непочитување на принципот на одвоеност на државата и партијата при обраќањето на државните функционери на промотивните настани организирани од државните и јавните институции е забележано во 5 општини. Непочитувањето на овој принцип се состои во тоа што функционерите на овие настани ги промовираат своите партиски програми за следните парламентарни избори. Функционерите во 6 општини посетувале настани организирани од нивната политичка партија во текот на работното време.
МЕШАЊЕ НА ДРЖАВНИТЕ И ПАРТИСКИТЕ РАБОТИ
Употребата на службени возила за партиски цели исто така е зачестена и е забележана во 4 нови општини.
Од почетокот на набљудувањето, односно од 1 декември 2015 г. до 3 април, од добиени 2.011 извештаи забележани се следните случаи:
– Непочитување на принципот на одвојување на државата и партијата во 22 општини;
– Злоупотреба на службената положба, односно притисоци врз вработените во администрацијата во 22 општини;
– Злоупотреба на државни ресурси, односно употреба на службени возила за партиски цели во 11 општини.
Граѓанската асоцијација МОСТ доби овластување да ја набљудува теренската проверка на Избирачкиот список, но само во подрачните канцеларии на ДИК, што оневозможи целосен увид во овој важен процес. Дополнително, дел од подрачните канцеларии не соработуваа со нашите набљудувачи и не им даваа информации за тоа како тече процесот на теренска проверка
Околностите во кои се спроведе теренската проверка не одат во прилог на ефикасно и ефективно констатирање на реалноста, како и влевање на доверба во процесот.
Имено, обука за спроведување на теренската проверка добија само вработените во подрачните канцеларии на ДИК, кои потоа истата им ја пренесоа на анкетарите. Ваквата практика е слична со онаа која се користи на изборите и која скоро секогаш беше критикувана од МОСТ, затоа што резултира со неунифицирана обука на избирачките одбори.
На подрачните канцеларии им недостасуваа човечки ресурси, опрема и простор, а недостасуваше и координација на напорите. На пример, ДИК носеше ад-хок одлуки за распоредување на персонал во одредени подрачни канцеларии, но овие лица не добиваа соодветна опрема и простор.
Постоеше неунифицираност во функционирањето на подрачните канцеларии на ДИК во процесот на прибирање на прашалниците и нивна обработка, односно внес на податоците. Лицата кои беа задолжени за внесување на одговорите од прашалниците во базата на податоци не ја добија апликацијата на време, ниту пак беа обучени за оваа активност. Исто така, не знаеме дали процесот беше контролиран и дали е извршена проверка на внесените податоци во вака кус временски период.
МОЖЕ ЛИ ДА СЕ ИСЧИСТИ ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК
Нелогичните одлуки на ДИК во изминатиот период, како и недостатокот на транспарентност за текот на теренската проверка придонесоа кон разни шпекулации и релативизации, а со тоа и кон зголемување на недовербата во процесот на прочистување на Избирачкиот список. На пример, се уште не е јасно како ќе се третираат оние лица кои не биле пронајдени на нивните регистрирани адреси и кои не се појавиле во подрачните канцеларии во предвидениот рок од 3 дена.
Сметаме дека поради притисок од кусите временски рокови, спроведувањето на теренската проверка и процесите поврзани со неа се одвиваа и ќе се одвиваат забрзано, што заедно со сите недостатоци на процесот споменати претходно, ќе има негативно влијание врз нејзиниот квалитет, а со тоа и врз целокупниот процес на прочистување на Избирачкиот список.
Ја користиме оваа можност уште еднаш да потсетиме на предизвиците со кои ќе се соочат институциите при бришењето на евентуалните спорни избирачи од Избирачкиот список, односно постоечките долги законски рокови за водење на управните постапки. Пред само неколку дена МОСТ ги промовираше предлозите кои треба да претставуваат појдовна точка за партиите да најдат консензуално решение што ќе овозможи соодветно постапување во ваквите случаи, со цел враќање на довербата во Избирачкиот список.
Прашањето на Избирачкиот список и неговото прочистување е од исклучително значење и поради тоа покрена голем број прашања и дилеми за тоа како функционира целокупниот институционален систем, како институциите комуницираат помеѓу себе и на кој начин ги водат податоците за граѓаните. Поради тоа, ја повикуваме ДИК да се произнесе за сите предизвици со кои беше соочена во текот на овој важен процес, а не само за теренската проверка, и на јавноста да и соопшти јасно и недвосмислено дали може да гарантира спроведување на кредибилни избори. Согласно член 31 од Изборниот законик, ДИК се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите. Оваа нејзина надлежност добива уште поголемо значење имајќи предвид дека новиот состав и зајакнатите надлежности на ДИК произлегоа од Договорот од Пржино.