Нема да пишувам вовед, туку директно ќе прашам: доколку јас сум сведок на кривично дело, а не го пријавувам, дали со тоа и самата правам кривично дело? Или, ајде да претпоставиме една ваква ситуација: јас сум некаков полициски техничар со посебни овластувања кој работи на примена на т.н. „посебни мерки“ и со тоа имам можност да следам одредени разговори, во кои во даден момент се „вмрежуваат“и највисоките државни функционери. Не мора да биде и „даден момент“, едноставно, имам можност да следам комуникации и тоа го правам, бидејќи овластувањата тоа ми го овозможуваат.
Во претпоставената ситуација, сосема е ирелевантно дали сум совесен и професионален полициски техничар, или сум перверзен тип кој сака да слуша туѓи муабети. Едноставно, во одреден момент, следејќи ги и слушајќи ги телефонските муабети, пресретнувам комуникации во кои највисоките државни раководители договораат како некого да наместат за да го пикнат в затвор, како подмитуваат медиуми, како договораат со судии фингиран процес против партиски ривал, или како ги користат државните пари за реклама на сопствената партија, односно влада. Што претставува кривично дело. Со еден збор, јас станувам сведок како тие носители на власта, ја злоупотребуваат истата таа власт. И? Што да правам? Имам неколку опции за избор:
Прво, ако си молчам и не ги пријавам нивните злодела, утре при првата контрола, ревизија или проверка, односно при промена на власта, јас ќе одговарам за криминал или за соучесништво во криминал, затоа што не сум реагирала на евидентните злоупотреби на власта. И ќе завршам в затвор.
Второ, ако компримитирачките материјали ѝ ги предадам на полицијата со која раководат дел од функционерите кои претходно сум ги евидентирала како ја злоупотребуваат позицијата, тогаш ќе бидам опасен сведок, ќе бидам жигосана и против мене ќе бидат покренати внатрешните механизми за „самозаштита“ на функционерите. Најмалку што може да ми се случи е да бидам избркана од работа, а мошне веројатно е да ми биде спакувано и некое кривично дело. И повторно ќе завршам в затвор.
Трето, ако инкриминирачките снимки им ги предадам на судските органи или на обвинителството, кои, исто така, ми стојат во документацијата како носители на криминалот, ќе ми се случи разврската од точка два. Затворот не ми бега.
Четврто, ако прислушуваните материјали им ги дадам на странци, било да се претставници на меѓународни организации во Македонија, или, пак, директно на странска служба (да одиме по линија на размислување на премиерот), тогаш ќе одговарам за шпионажа, што е едно од најтешките кривични дела. Дефинитивно ќе завршам в затвор.
Угоре високо, надолу, длабоко, јас секако ќе заглавам на робија, без оглед дали нешто ќе преземам или не. Бидејќи сум сведок на тежок облик на криминал во режија на власта во кој се вплеткани и многу други институции како одредени центри на моќ, кои сериозно ја загрозуваат безбедноста, а со тоа и државата во која живеам јас, моето семејство, моите роднини и пријатели.
Дали да молчам и да бидам соучесник, или да барам начин како тоа што го поседувам, да допре до јавноста. Единствено што ми преостанува е да го пријавам злосторството до одреден круг, било медиум, било опозициска политичка партија, кој, колку-толку, би ми гарантирал дека на виделина ќе ги извади доказите со кои располагам, што понатаму ќе покрене поврзани процеси. И во овој случај не ми бега затвор, бидејќи режимот ќе ме открие, ама барем знам дека не сум соучесник во криминал. И имам право да очекувам дека еден ден тоа ќе биде констатирано. И ќе имам чиста совест.
Можеби ова погоре некому ќе му изгледа наивно, но сепак, во општото лудило кое ја зафати мојата држава со масовното прислушување, имав потреба од упростување на нештата и од малку логика. Тоа го правам од три причини:
Прво, бидејќи целата нација е ставена во воајерска ситуација да слуша приватни телефонски разговори, што кај секој психички здрав човек создава чувство на непријатност.
Второ, бидејќи целата нација има можност да слуша како високи државни функционери ја злоупотребуваат својата позиција, што кај секој психички здрав човек создава чувство на гадење.
И трето, бидејќи власта прибегнува кон силување на логиката и создавање первертирана реалност во која фокусот се префрла кон изворот на информациите, а не кон нивната содржина, што кај секој психички здрав човек создава чувство на гнев и револт.
Ако во целава оваа македонска трагикомедија го барам нашиот (засега) непознат јунак, тоа несомнено ќе биде човекот кој одлучил да не биде соучесник во криминалот на власта. И не знам дали некогаш ќе дознаам дали тоа го направил од страв, заради пари или слава, или, пак, од чувство на одговорност кон својата професија, семејство и држава. Ама знам дека го направил.
Му благодарам.
универзитетски професор Гордана Попсимонова