И обвинителката бара да се укине пресудата за „Ровер“

by fokus

Откако во ноември, минатата година, по втор пат, беше донесена првостепена пресуда за случајот „Ровер“, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, според која обвинетиот Љубе Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, а останатите казни се движеа од пет години и шест месеци до доживотен затвор, одбраната најави дека и оваа пресуда ќе биде обжалена пред Апелациониот суд. Додека адвокатите ја пишуваат жалбата, бидејќи неодамна на писмено ја добија пресудата, обвинителството одлучи и тоа да се жали на пресудата. Бара укинување на првостепената пресуда, со што случајот би се вратил од почеток.

Од обвинителството реагираат дека судот не требало да ги ослободи од вина обвинетите Вук Вукичевиќ, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Љубе Бошкоски, Зоран Трајковски, Никола Негриевски и Гоце Митровски, за помагање на убиството на Киро Јанев. Обвинителката Лидија Раичевиќ- Вучкова, реагира дека првостепениот суд направил суштествени повреди на кривичната постапка,  а оценува и дека пресудата била неразбирлива и нејасна. Таа оценува и дека судот нецелосно или погрешно ја утврдил фактичката состојба.

Токму ваква класификација, односно дека пресудата е неразбирлива, имаше донесено и Апелациониот суд, поради што предметот беше вратен од почеток. Но, тогаш Апелација му укажа на првостепениот суд дека не докажал помагање на обвинетите за убиството на Јанев, по што првостепениот суд ги ослободи од вина и им ги намали казните.

Адвокатите на обвинетите, пак, во своите жалби ќе бараат ослободителна пресуда, или укинување на пресудата.

Покрај Бошкоски, тројцата првообвинети за убиството на Тушевски и Јанев, Предраг ЧубрилоМилан Илиќ и Милорад Ковачевиќ  повторно добија казна доживотен затвор, а Вук Вукичевиќ овој пат е осуден на 15 години затвор.

Казни затвор добија и останатите обвинети, кои за разлика од првостепената пресуда се пониски бидејќи овој пат, судот утврди дека ниту кај Бошкоски, ниту кај останатите, не вклучувајќи ги првите тројца обвинети, немало умисла за помагање на убиството на Јанев. Првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

 

Поврзани новости