Претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, денеска се сретна со г. Иво Вајгл, евро-пратеник од АЛДЕ Групата, кој во Скопје престојува во рамки на напорите на ЕУ за надминување на политичката состојба во земјата. Средбата беше иницирана од претседателот на ЛП и тема беа оценките за имплементацијата на Договорот од Пржино.
– Природно е како либерали да размениме мислења за прашањата во заеднички фокус. Затоа ја користам можноста да ги изнесам позициите на Либералната партија виз-а-ви институционалниот капацитет во РМ и нашите резерви во однос на политичкиот капацитет на потписниците на Договорот од Пржино за надминување на тековната состојба; слабости што не оддалечуваат од интеграциите една деценија – рече претседателот Величковски.
На средбата беше разговарано за надминувањето на тековната состојба низ призмата на аспирациите на земјата за полноправно членство во ЕУ.