Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева бара избраните седум обвинители да не дадат свечана изјава по повод нивниот избор од причина што, како што вели, таквиот акт би бил само потврда на одлуката на Советот, која според неа, е спротивна со Законот за јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Од Советот на јавни обвинители, пак, седницата ја закажаа за во понеделник.
– Се заблагодарувам на Советот на јавните обвинители на Република Македонија на поканата да присуствувам на давањето свечена изјава на јавните обвинители, кои треба да бидат дел од тимот кој беше предложен од моја страна. Во овој контекст, реферирајќи се на доставената покана од страна на Советот, во консултација со дел од тимот на јавни обвинители кои се избрани и имајќи го во предвид нивниот став во врска со одлуката на Советот, им препорачувам да не ја прифатат поканата на Советот на јавните обвинители и да не дадат свечана изјава по повод нивниот избор, од причина што таквиот акт би бил само потврда на одлуката на Советот, која е спротивна со Законот за јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, вели Јанева во денешното соопштение до медиумите.
Таа бара Советот на јавните обвинители да закаже седница и да го избере тимот од јавни обвинители предложен од неа, согласно Законот за специјалното обвинителство.
– Сметам дека во овој момент јавните обвинители треба да ја покажат својата професионалност, стручност и самостојност во донесување на одлуки и дека сите предложени јавни обвинители во мојот тим имаат заслужен кредибилитет да бидат дел од него, се наведува во соопштението.
Јанева изразува благодарност за целосната подршка која ја има од Претседателот на Република Македонија, од политичките партии потписници на Договорот од Пржино, од пратениците во Собранието на Република Македонија, од меѓународните фактори кои учествуваат во спроведување на Договорот од Пржино, од медиумите, како и од целиот македонски народ кој сака да живее во правна држава.