Сонот за животот

by Фокус 10:47
10:47

Пишува Х.Сулејман еф Реџепи

Лето Господово,2015. Се тече и се се менува, ама ние како да се движиме сонувајќи и се претвараме во нација на месечари( длабоко се извинувам на сомнамбулите, ова нема врска со нивната состојба). Барем, како Маркес, да го сочувавме сонот за животот, да знаевме да го славиме како тој, знаејќи дека порано или подоцна ќе мора да го напуштиме. Барем, да земевме урнек од мајсторот на магичниот реализам кој што во својот тестамент кажа нешто што ќе биде запаметено занавек:

- Advertisements -

Во годините проведени на овој свет, научив дека човекот има право да го погледне другиот одозгора само кога ќе треба да му помогне да се исправи“, рече Габриел и си ја испушти душата.

Се разбира, на ништо не нѐ обврзува сублиматот на животното искуство на еден Латино Американец, значи на некојси таму писател којшто не е ниту Илир, ниту Антички Македонец. За многумина веројатно не е битно ниту тоа што тој бисер на мудроста има многу цврста основа во сите вери. Имено, Бог не ја сака охолоста и не ги сака луѓето што се однесуваат како господари на туѓите животи.

Ама, ние продолжуваме да месечариме, несвесни дека во меѓувреме државата ни ја сметаат за една од најкорумпираните а политичарите за едни од нај лошите во соседството, дека “големите уши“ не слушаат и кога нарачуваме бурек, дека разноразни мафии и мафиози демнеат веќе и низ институции и им бараат на нашите деца партиски книшки со некоја иљадарка евра внатре за да ги претворат во канцелариски пацови. А тие јадните(нашите деца), учени, дипломирани,паметни, учествуваат тајно на сите лотарии на американската амбасада надевајќи се дека токму тие ќе бидат добитници на грин картата што ќе им овозможи да фатат уџум од оваа недојдиа.

Тажно е денес во Македонија за луѓето што допрва треба да си го одживеат сонот, меѓу другото и поради тоа што ние по искусните не знаевме и сеуште за жал не знаеме да одговориме на едно основно прашање. Кои сме ние и која е линијата што треба да ја подвлечеме за да ги хармонизираме нашите индивидуални права со нашите политички ориентации од кои за жал, ете гледаме, зависат животните соништа на нашите потомци.

Сакам да кажам дека политиката, било како да е обоена, ниту во еден случај не би смеела да ствара од нас послушници и жртвени јагниња. Поточно, политиката тоа и го смее и го прави но ние сме тие што би требало да им го оневозможиме тоа задоволство. Ние треба да кажеме дека не и дозволуваме на секоја бараба да се однесува со нас како со стадо овци,навредувајќи го пред се нашиот интелект. Одозгора може да не погледне само некој што сака да ни помогне да се подигнеме ако сме паднати. И, ако ние и само ние скаме да ја прифатиме таа рака. Ете, таа е помошта што ние можеме и мораме да им ја пружиме на тие што треба да си го одсонуваат животот.

На сите нас, за жал, се чини не ни е јасно што значи да се биде послушник Послушништвото не се одразува само како уништување на личниот интегритет и дигнитет. Да бидеш послушник, може да биде уште по страшно. Тоа може да роди и кај најдобриот човек чувство на омраза кон поединци или колективитети, во зависност што ќе посака тој што го слушаме.

А тој може да посака, не дај Боже, да дигнеме во воздух некоја зграда,училиште,автобус со деца. Послушници, меѓу другото беа и оние јадници што пред некој ден, во Анкара,измасакрираа со бомби стотина млади луѓе. Ако се самоубиле,Алах нема да им прости, ако се живи целиот живот што им предстои ќе го одживеат во ужас, а каков ужас ги чека на оној свет, не сакам ниту да помислам. Во секој случај, мислам дека наредбодавците некаде слатко се смеат и уживаат во својата моќ над луѓето.

За да не се смеат и да не уживаат во нашата послушност башибозуците, треба конечно да им се заканиме и да им ставиме до знаење дека , ако ние не сме успеале, сакаме нашите млади да си го одсонуваат животот, не сакаме да бидат месечари како нас.Верувајте, тоа ќе ги исплаши. Ќе ги исплаши тоа што не им се плашиме, било кои да се, било колку моќ и пари да имаат, било колку служби да контролираат. Потоа, без контрола врз нашиот страв, нека повелат на кампањи и избори и нека ги добијат сите можни гласови. Чест и слава за Габриел Гарсиа Маркес.

Не гледај ме бре одозгора, тоа го може само Алах.

Поврзани новости