Моника Сандри од УНХЦР: Пандемијата не го сопре движењето на бегалците

by fokus

Кога еден човек со своите деца се соочува со ризик од смрт или прогон, не постојат ѕидови или пандемии што можат да го одвратат од обидот да најде безбедност. Пандемијата не го сопре движењето, а не го сопреа ниту ограничувањата. Бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата, доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Тие се луѓе како вас и мене, посочува во интервју за МИА претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри.

Таа во интервјуто по повод Светскиот ден на бегалците, посочува дека постои зголемен број на лица кои се принудени да ги напуштат своите домови.

– Постои зголемување од 4 проценти на бројот на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови, со што вкупниот број е зголемен од 79,5 милиони на крајот на 2019 година и на 82,4 милиони луѓе на крајот на 2020 година, вели претставничката на УНХЦР.

Податоците укажуваат дека и покрај пандемијата, движењето во светот не запре, бидејќи не престанаа војните, конфликтите, прогоните и прекршувањата на човековите права.

Таа информира дека лани во државата имало 211 апликации за азил, додека пак бројот за оваа година досега – до крајот на мај е 25.

Во време на пандемија, посочува претставничката на УНХЦР, во Северна Македонија, властите брзо воспоставија мерки како медицински тестови, привремен карантин по пристигнување и интервјуа на далечина и како резултат на тоа, луѓето на кои им беше потребна заштита можеа да поднесат барање за азил.

– За да се овозможи инклузија на бегалците, УНХЦР ја поддржува државата во подобрувањето на квалитетот на азилот, градење на систем за влез заснован на начелото на заштита, искоренување на бездржавјанството, подобрување на законската рамка и нејзиното спроведување, како и зајакнување на подготвеноста и одговор со цел да се спречат кризи, вели Сандри за МИА.

 

Поврзани новости