„Има вкупно над 300 илјади прашања за сите наставни предмети и имајќи го предвид големиот број прашања и комплексноста на целиот процес, може да се случи меѓу нив да има и контроверзни прашања коишто можат да предизвикаат реакции и да ги допрат чувствата на одредени индивидуи или групи.“
Вака Министерството за образование и наука реагира на пишувањата на некои медиуми дека на екстерното тестирање имало дискриминирачки прашања и прашања со голем број грешки.
-МОН ги повикува сите засегнати страни да помогнат во унапредувањето на овој процес и зголемувањето на квалитетот на образованието како општ интерес и им се заблагодарува на сите лица, субјекти и медиуми кои ги покренаа ваквите теми. Ние ова го сфаќаме како помош и нивен придонес за подобрување на евентуалните грешки во овој процес за кого изјавивме дека не е совршен, стои понатаму во соопштението од Министерството.
МОН побара од институциите и носителите на функции да бидат одговорни во овој процес, бидејќи, како што пишува во соопштението, не треба да дозволиме еден проект кој има за цел да оцени колку објективно им се заклучени оценките на учениците, да добие политичка димензија, а уште помалку етничка.