Министерството за образование и наука планира намалување на бројот на учениците во паралелките како една од мерките за подобрување на квалитетот за наставата. Исто така, планира и намалување на бројот на часовите на наставниците со поголем стаж заради создавање можност за нивно ангажирање како ментори на наставниците со помал стаж.
Во МОН се надеваат дека синдикатите, пленумите и граѓанските организации ќе работат со добра волја и ќе соработуваат меѓусебно, како и со Министерството за образование и наука, во процесот на реформи во образованието кои пред сè се во интерес на учениците.
Од таму велат дека на средбата со претставници од СОНК било укажано едка намалувањето на бројот на предмети нема да значи и намалување на бројот на наставниот кадар.
„Што се однесува до реформите во основното и средното образование, во тек е процес на формирање на повеќе работни групи кои ќе работат на реформите во одделенската настава, предметната настава и средното образование, вклучувајќи ги и законите кои што ја регулираат материјата во оваа област. Во овие работни групи отворени се вратите за сите организации, синдикати, пленуми, кои сакаат да придонесат за подигнувањето на квалитетот на образованието, кое беше срозено од претходната власт“, велат од МОН.