Зврлевски се мисли дали да стане адвокат

by fokus

Откако беше разрешен од Собранието, Марко Зврлевски, поранешниот републички јавен обвинител веќе не е дел од обвинителската фела. Бидејќи беше разрешен поради нестручно и несовесно работење, нема право да се врати на претходното работно место, во случајот во Скопското јавно обвинителство, за разлика од сите останати обвинители на кои законски им истекол мандатот.

Дел од неговите колеги, поранешните републички јавни обвинители, како, Љупчо Шврговски и Стеван Павлески, станаа адвокати, па затоа го прашавме и Зврлевски дали планира да се префрли од другата страна, односно отсега да ги брани обвинетите од обвинителите.

-Се уште не сум одлучил, во моментот сум на апанажа, па затоа имам време да размислам, одговори Зврлевски за „Фокус“.

По неговото разрешување, на 17 август, поранешниот прв човек на обвинителството до собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата поднел барања за апанажа, која му следува во рок од една година.

Доколку Зврлевски одлучи да премине во адвокати, тоа нема да биде новина за него, бидејќи според податоците од неговата биографија, во периодот од 1998 до 2000 година бил адвокат во областа на казненото право. Тој кратко време работел и како новинар во Македонската радио телевизија. Сепак поголемиот дел од кариерата ја посветил на јавнообвинителската работа.

Валентина Вурмо

Поврзани новости