„Мојот син нема никаква врска со исчезнувањето на внукот на Љубе Бошкоски“ тврди медицинската сестра Јаковлеска

by Fokus

Медицинската сестра од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје – Снежана Јаковлеска за „Слободен печат“ вели дека веднаш штом исчезна Самоил Костадиновски, внукот на Љубе Бошкоски, кој бил добар пријател на нејзиниот зет за ќерка, оттогаш полицијата, освен што спроведувала претрес во нивниот дом барајќи дрога, таа почнала да врши прегледи и кај нејзиниот син Јосиф. Таа вели дека сетоа тоа резултирало со физички повреди, но и со психички последици.

„Сето ова почна со исчезнувањето на внукот на Љубе Бошкоски, којшто беше добар другар на зет ми. Зет ми беше повикан во полиција, разговараа со него и го пуштија. По недела дена, во домот ми се спроведува претрес за недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Како ова е напишано и дојдено до мене и мојата куќа, не ми е јасно. Не најдоа ништо зашто нема, ниту пак некогаш имало. Рекоа дека не го бараат тоа од наредбата, туку го бараат мојот зет и дека целиот претрес е поради него. Последните неколку недели никој од нас нема контакт со зетот. Ниту знаеме каде е, ниту комуницираме. Како што имаме дознаено, тој е во странство“ вели Јаковлеска за „СП“.

Таа тврди дека полициските дејства воопшто не би требало да се насочени кон неа и кон нејзиниот син.

Најави дека случајот со тортурата врз неа, синот и семејството ќе го пријави во Внатрешната контрола во МВР.

„Мојот син потоа отиде на Ургентен центар и таму во извештај му се регистрирани настанатите повреди на лицето. Отидовме и во полициската станица Карпош и тие повикаа и внатрешна контрола и коректно и уредно ни зедоа изјави. Но, тоа не престана тука. Истото продолжи и потоа, повторно на неговото работно место, и тоа откако од внатрешната контрола дојдоа и ги зеле снимките од камерите за надзор од претходната пријава“ – објаснува Јаковлеска.

Таа напомена дека ќе му испрати писмо со документација и фотографии на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Инаку, Самоил Костадиновски исчезна на 4 март и оттогаш од него нема никаква трага.

За исчезнувањето полицијата приведе две лица, но него не успеа да го пронајде. Истрагата продолжува.

Поврзани новости