Мојот одговор до „куририте“

by lali

zoroДраги курирчиња, ви благодарам што ми понудивте можност да ви посветам малку внимание и вам, иако знам дека не разговарам директно со вас, туку со вашиот пастир или можеби со некој негов слуга. Ве чекав вчера, ама очигледно ви требало време да ми стокмите „обвинителен акт“. Е добро де, кога така сакате.

Значи, вие велите дека не ми била загрозена слободата на изразување зашто на протестот за Кежаровски пред Владата сум рекол што сум сакал да кажам и не ми се случило ништо. Бре, мајката. Што треба да ми се случи? Да ме исчукате пред влез? Да ме ликвидирате со снајпер?

Па јас зборував за случајот Кежаровски, дека нему му е загрозена слободата на изразување и физичката слобода и материјалната благодат на неговото семејство, а не за себе, и не за конкретниот протест. А мене, пак, да ве потсетам, лани во февруари ми се случи директна нарачана политичка егзекуција од местото главен уредник на „Нова Македонија“ од страна на сопственикот Минчо Јорданов, затоа што пишував критички колумни против власта. Ако тоа не е директно загрозување на слободата на моето изразување, што е тогаш?

Велите уште дека јас сум ширел говор на омраза. Да, да ги употребив зборовите за кои ме обвинувате. Но каква врска имаат тие со говор на омраза. Квалификациите ѕверови, нелуѓе итн. им приличат на оние кои ликуваат на туѓа несреќа, сеират над оние што се пикнати зад решетки, беспоговорно верувајќи му на пастирот и на полицијата, без да видат за што станува збор. Што е, ако не политичка егзекуција, менувањето на уредувачката политика на телевизии и медиуми што ги купи власта!? Ама Вам ли тоа да ви го објаснувам? Вие се си знаете, ама така ви наредуваат.

Иако шпекулирате дека јас сум се завртел против Груевски зашто наводно не ми била остварена некоја желба – функција или привилегија, за ова сте сепак многу тенки, проѕирни и патетични. Па, кажете каква функција сум барал!? Вистината е дека не сум барал никаква функција од власта, прашајте го пастирот и неговите овчарчиња. Миленко, барем, е експлицитен – вели не сум станал директор на МТВ или директор на Агенцијата за медиуми и затоа сум се свртел против власта. Се разбира, Миленко лупета, зашто така му годи.

Никогаш ниту сум сакал, ниту пак сум побарал да станам директор на МТВ. А вистина е дека преку посредници бев прашан дали би сакал од кабинетот на претседателот на државата да ме кандидираат за член на Советот за радиодифузија, како што тогаш се нарекуваше Агенцијата за медиуми, но јас тоа го одбив.

Всушност, Миленко и Мирка токму по таа емисија со Груевски, која вие ја прикажувате, како некаков корпус деликти (што има лошо и непристојно во климањето со глава кога некој зборува – демек тоа е одобрување на се што кажал!?), на крајот го прашувам премиерот за дилемите околу предложениот закон за медиуми и за забелешките дека Агенцијата за медиуми ќе добие преголеми ингеренции со законот – регистрирање на весници, што може да ја загрози слободата на печатот, двајцата ми измислија дека со таквото прашање јас всушност сум сакал да му се наметнам на премиерот за директор на Агенцијата. Ама тоа е шашма на Мирка и Миленко, а не мое барање! Прашајте го пастирот, де!

За моите ставови и колумни во Дневник во времето на А1 телевизија и затворањето на Велија Рамковски, во право сте. Јас и денес мислам дека во бизнисите на Велија Рамковски имаше незаконски дејанија и криминал. За жал, тогаш бев во заблуда и полициската интервенција во А1 ја нареков несреќна, наместо со вистинското име – затворање на медиумот со примена на сила. Но, не можев да поверувам оти А1 телевизија, како и А2 подоцна навистина ќе бидат затворени како новинарски куќи, што значи дека тие биле таргет на власта, а не криминалот на Велија.

За Бранко Црвенковски и денес би го потпишал истиот текст од кој цитирате, зашто го имам истото мислење како и тогаш, дека го држеше во заложништво СДСМ и впрочем никогаш за него не сум имал добро мислење. Всушност, мислам дека неговото крило во СДСМ, со нападите против раководството, денес повеќе му помага на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски, отколку на Заев и Шекеринска.

Вие, натаму, драги курирчиња, само си бладате за Заев и Шекеринска дека наводно јас сум бил рамо до рамо со нив на протестот. Можат тие да доаѓаат на протести за слобода на Кежаровски, како што може да дојде и Груевски ако сака, ако ја поддржува неговата слобода, ама не ја поддржува, нели, но ако сакате да знаете – за мене СДСМ не е вистинскиот политички избор. Проблемот е што власта на ДПМНЕ  изврши велепредавство на изворната историска идеја на ВМРО, и ја дотолчи слободата и демократијата, па сега раководството на СДСМ изгледа патриотско и демократско во споредба со режимот.

За Милчин и за Сорос, обратно од тоа што ме обвинувате, и денес пишувам, ама вие не читате – зашто ниту читате, ниту пишувате, туку други го прават тоа за вас – дека уште од почетокот, од 1990-тите беа партиски ориентирани кон СДСМ. Поради опозициската уредувачка политика на „Фокус“, Милчин не одобри пари за неделникот кога почнуваше со излегување во 1995 година. Весникот ја парчосуваше фондацијата, иако јас лично бев стипендист на СОРОС на ЦЕУ во Будимпешта.

Точно е, исто така, дека за Милчин, кога го лустрираа, во Дневник напишав текст дека бил комунист, а не дисидент, за каков што сакаше да се претстави, но не го нареков кодош. Не бев сигурен. Откако го прочитав неговото лустрациско досие, забележав дека нема основи за лустрација. Прашајте чесни луѓе – па и вмровци, ако сакате, ќе видите дека во неговото досие нема материјал за вашата нарачана партиска лустрација! Тоа подоцна и го напишав во „Нова Македонија“.

Значи, драги мои курирчиња, јас не бегам од моето минато. Факт е дека сум пишувал текстови со кои жестоко сум го напаѓал СДСМ. Факт е исто така дека извесно време бев во заблуда, и верував оти Груевски може да биде прагматичен премиер, особено ако наспроти себе си го има Бранко Црвенковски кој и ја украде иднината на Македонија за време на транзицијата.

За ова и се извинувам на целата македонска јавност!

Можете да чепкате по моето досие и да пронајдете многу текстови против Црвенковски, имам неколку и против Заев, во „Нова Македонија“, но не можете да најдете славопојки ниту за Љубчо Георгиевски, ниту за Никола Груевски, уште помалку за Заев и за Црвенковски. Можете да проверите во моите колумни  – и во Дневник и насекаде – дали некогаш сум ја поддржувал антиквизацијата – и спомениците или сум ги нарекувал споменична грандоманија. Да, да дури кога бев главен на „Дневник“!

Сепак, не сум ангел. Сум избирал страна, што сметам дека е легитимно. Од денешен ракурс веројатно се работело за погрешен избор, но тогаш не сум можел да го знам тоа. А зошто би знаел сѐ?

Сепак, не сум го правел тоа за никакви големи привилегии, бенефиции, освен за плата и хонорари за новинарска работа. Не купив стан, не изградив куќа, не купив кола со свои пари, иако имам 50 години живот и речиси 30 години кариера, па видете колку сум профитирал.

А ако со своето образование – магистер сум на политички науки, предавач на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста – и професионална кариера – од 1985 година сум во професијата, не сум заслужил да бидам главен уредник на весник –  бев на „Вечер“, „Фокус“, „Дневник“ и „Нова Македонија“, па тоа сум морал да го заработам партиски и политички, тогаш нема што да зборувам со вас. Вие не можете ниту чесно да се потпишете под текстот за мене, зашто немате ниту име, ниту презиме!

Инаку, за ваша информација, за да не трагате за џабе – загинувањето на Никола Младенов и невештото покривање на истрагата од страна на власта, како и апсењето на Кежаровски кој ја истражуваше таа трагедија, ја прелеаја чашата кај мене, поради што јас се уверив дека во прашање е тоталитарен режим кој не ги цени животот и физичката слобода, а да не зборуваме за слободата на говорот и на медиумите.

Гледам, и Героски дури ме прозива дека доцна сум се сетил, а потоа самиот заклучува дека никогаш не е доцна.

А јас би рекол дека и за вас, драги курирчиња, не е доцна. Се уште имате шанса да застанете на страната на вистината, правдата и слободата. Без оглед што пишувате нарачани текстови, какви што јас никогаш не сум пишувал!

Зоран Димитровски, одговорен уредник на „Фокус“

Поврзани новости