Таткото на убиениот Ангел: Сликата како умира син ми се уште ми стои пред очи

by Фокус

Денеска во судот се соочија родителите на убиениот матурант Ангел Петковски, и обвинетиот за убиството Насер  Ештрефи. Откако судот му даде една година условна казна на обвинетиот за кражба на велосипед, одлучи во одвоен предмет да му суди за убиство.

На денешното рочиште сведочеше и таткото на убиениот Ангел, Сашо Петковски. Тој истакна дека сликите од убиството на неговиот син се уште му стојат пред очи.

-Ангел му го попречи патот, а јас тргнав кон нив. Тој од појасот извади нож и го прободе син ми. Ангел падна, а тој замавна уште еднаш. Ангел ми рече: „Тато, ме прободе со нож“. Ми се стемни кога си го видов син ми целиот во крв. Најдов дрвен стап и го удрив. По ова, тој побегна”, сведочеше таткото на убиениот Ангел.

Тој додаде дека со синот во раце, кој обилно крварел, стигнал пред болницата.

-Тука заврши неговиот живот, пред очи ми се тие слики, сведочеше таткото Петковски.

Петковски објасни дека досега четири пати од дворот им биле крадени велосипеди, а бидејќи полицијата не ги наоѓала, при последната кражба, го запалиле автомобилот и тргнале по крадецот. На прашање на судот, дали земале некакво оружје, таткото истакна дека тргнале со голи раце.

Мајката на убиениот Ангел, со солзи во очите, рече дека тој ден била на работа. Се сеќава само дека добила повик дека нејзиниот син е избоден, по што веднаш истрчала.

Обвинетиот, пак, истакна дека се чувствувал виновен само за кражбата на велосипедот, но не и за убиството.

Поврзани новости