Недостасува лоцирање на јасен проблем, кој државниот испит како решение би требало да го отстрани. Дополнително, повторно недостасува вклучување на засегнатите страни во првите фази од креирање на оваа јавна политика со што се доведува во прашање нејзината оправданост и легитимност, реагираше денеска Младинскиот образовен форум (МОФ) на реформата која популарно се нарекува екстерно тестирање на студентите.
– Она што загрижува е фактот што санкцијата за евентуално лош квалитет на високото образование ќе падне единствено врз студентот. Оваа мерка не ги зема во предвид другите околности кои може да придонесат за лошиот квалитет на образование, туку како единствена причина ја претпоставува недоволната желба или способност на студентот да го совлада материјалот. Дополнително, студентот трпи и финансиски загуби, доколку го изгуби правото да го заврши своето високо образование – предупредува МОФ.
Младинскиот образовен форму предуредува дека надлежните институции не овозможија доволно информации со кои би ја убедиле јавноста дека ќе можат да одговорат соодветно на предизвиците кои се производ на различната природа и начин на уредување на високообразовните програми ( различно времетраење на различни циклуси на студии, слобода да се избере задолжителната литература, ризик од ограничување на правото на мобилност).
– МОФ ги охрабрува сите засегнати страни (студентите, академскиот кадар, родителите) да размислуваат за оваа неочекувана реформа, да изградат сопствен став и јавно да го презентираат. Само на овој начин може да се спречи обидот за ускратување на правото на образование, ограничување на автономијата на универзитетите и воведувањето на поголема државна контрола која нема да го зголеми квалитет во високото образование – стои во денешното обраќање на Младинскиот образовен форум.