Центарци со писмо до Коце Трајановски за барокната фасада

by Фокус

Непријатно сме изненадени од некоректниот и понижувачки однос од страна на Град Скопје и градоначалникот Коце Трајаноски. Тие во својот демант изнесуваат неколку крајно спорни тврдења. Најпрво, за нас е потполно нејасно како нашата фасада би била реконструирана парцијално од страна на Градот, оставајќи остатокот да биде реконструиран од Општината, ако се знае дека зградата претставува една целина и заеднички простор за живеење. Не дозволуваме нашата зграда да биде простор за пазарење и натеѓање меѓу двете единици на локалната власт и имаме потполно право да го бараме она што е најдобро и најцелисходно за нас како заедница и граѓани. Во наш интерес е да добиеме целосно, сеопфатно решение за фасадата, модерен изглед и енергетска ефикасност. Градот Скопје не го нуди ова, а ние немаме намера да правиме циркус од нашата зграда. Ние сме сопственици на нашите станови и нашата волја и нашиот интерес треба да бидат неприкосновени.

Второ, начинот на којшто нѝ се обратија од Град Скопје го сметаме за крајно несоодветен. Во писмото буквално ни се сугерира дека треба да одлучиме онака како што тие замислиле, иако и самите признаваат дека веќе еднаш сме го одбиле нивното решение. Понатаму, во нивниот демант велат „според наши информаци, во одредени згради има станари кои воопшто не биле прашани за потребата од рекоинструкција на фасадата“. Се поставува прашањето какви се тие информации, со оглед на тоа што во самото известување од Градот стои „Бидејќи поголемиот број станари не се согласуваат да ви ја изградиме фасадата, истата нема да може да ја реализираме“, што значи тие се свесни дека граѓаните се запознаени со нивната понуда и мнозинството веќе се изјасниле дека не ја прифаќаат.

Понатаму, на известувањето од Град Скопје рачно се испишани името и телефонскиот број на службеникот од Градот со кого ние би требало да контактираме во врска со фасадата. Ова е крајно несоодветно и непрофесионално. Самиот начин на комуникација е крајно спорен. Дали секој граѓанин би требало поеднично да се јави кај службеникот од Градот и како ќе се има увид во тоа колку граѓани се изјасниле позитивно, а колку негативно?! Известувањето е испратено циркуларно и е адресирано до станарите, наместо до сопствениците, а не се прави разлика меѓу двата влеза од нашата зграда кои имаат посебни куќни совети и се одвоени правни лица. Ние уште еднаш истакнуваме дека ова го сметаме за суптилна закана кон граѓаните и обид да ни се наметне решение кое веќе еднаш сме го одбиле.

За крај, самиот предлог за фасадата е потполно нејасен. На известувањето беше прикачен цртеж, црно-бел и во исклучително мал формат од којшто не може да се види ама буквално ништо. Згора на тоа, од Градот немаат доставено никаков елаборат или документ каде ќе бидат наведени материјалите кои ќе се користат, периодот кога би се вршело реновирањето, како и евентуалните трошоци за нас кои би произлегле од постапката.

Владимир Вангелов, жител на улица „Македонија“ бр. 16

Поврзани новости