Информираме дека во раните утрински часови, преку дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи, добиена е информација за седум државјани на Република Северна Македонија, од кои едното од нив дете, кои се сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот каде е извршен вооружен напад врз косовските полициски сили, соопшти Министерството за надворешни работи.
-Амбасадата на Северна Македонија во Приштина е во комуникација со претставници на Министерството за внатрешни работи на Косово како и во директна комуникација со нашите граѓани. Во текот на денот, во неколку наврати Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари директна комуникација со министерката Грвала-Шварц, и во моментов косовската полиција го обезбедува хотелот каде се сместени нашите државјани, од каде се очекува тие да бидат испратени дома, соопшти МНР.
Од МНР велат дека претставниците на Амбасадата остануваат во постојана и директна комуникација со нашите државјани и косовската полиција, сѐ до целосно завршување на нивниот трансфер.