Откако грчкиот претседател Прокопис Павлопулос порача дека Грција ќе продолжи да ги блокира евроинтеграциите се дури Македонија не го промени името, со реакција се огласи и македонското министерство за надворешни работи.
-Секоја земја и нејзиниот народ има неприкосновено право на самоопределување и суверено да одлучува за своето именување и идентитет. Провокација и неприфаќање на реалноста е кога одредени политичари не можат да се соочат со тој факт. Истото е во спротивност на општо прифатените меѓународни принципи и вредностите на европската интеграција, се вели во реакцијата на МНР.
Од таму порачаа дека државата продолжува да се залага за решавање на спорот и за развивање добрососедски односи, а го поканија Павлопулос да ја посети и да ја запознае Македонија.
– Република Македонија останува цврсто определена и посветена на градење на добрососедски односи и соработка и го очекува истото од своите соседи. Би ценеле претседателот Прокопис да ја посети Македонија и непосредно да се запознае со постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и идентитет, кои не претставуваат никаква опасност ниту закана за никого во регионот. Се додека има потешкотија да се разбере дека живееме во 21 век и дека споделуваме универзално прифатени вредности и човекови права кои подеднакво се однесуваат на секој човек, постои ризик да се остане заробен во минатото – велат од МНР.