Од Министерството за надвореши работи денеска велат дека ги отфрлаат сите, како што ги нарекуваат, тенденциозни обвинувања за набавката за реконструкција на салата „Борис Трајковски“, тендер кој го доби фирмата „Еуровиа“, која заедно со нејзиниот сопственик се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година со незаконска донација, случај што го откри „Фокус“ во мај годинава.
-Како тенденциозни и крајно шпекулативни ги оценуваме сите тврдења и обвинувања за наводно политичко влијание или било каква форма на нерегуларност во изборот на компанија за реконструкција на салата „Борис Трајковски“. Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, Министерството за надворешни работи ги споделува понудите од четирите понудувачи на јавната набавка за реконструкција и надградба на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ за потребите на конференцијата на ОБСЕ.
Како што информиравме, заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот, условот за избор на најповолен понудувач беше најсниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:
Еуровиа – 93.746.070 ден. (избран понудувач)
Второрангирана – 120.668.981 ден.
Треторангирана – 134.015.461 ден.
Четврторангирана – 374.353.297 ден.
Додаваат дека Министерството ниту смее, ниту е правно издржано да отфрли понуда која според критериумите е најповолна.
-Одговорно тврдиме дека не постои никакво влијание ниту нерегуларност во изборот на компанијата што е потврдено до второстепена комисија. Сите институции се добредојдени да го анализираат изборот како и спровдувањето на постапката која ќе биде по највисоките стандарди на ОБСЕ.
Уште еднаш сакаме јасно да потенцираме дека, специфичните барања за изведба на работите и нивниот квалитет, како и потребата за истите се специфични барања на ОБСЕ согласно стандардите на организацијата за организација на вакви настани, велат од МНР без да ја негираат поврзаноста на фирмата со ДУИ.